„БЕВ ЖРТВА НА ОБИД ЗА ПОТКУП“ Мицкоски нема да го потпише тендерот за пругата кон Бугарија
Лично кажав дека за Коридорот 8 секција 3 имаше обид да ми биде понуден поткуп и дека нема да го потпишам тендерот кој истекува на 17 септември - рече на прес-конференција премиерот Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски откри дека за Коридорот 8, секцијата 3 за пругата, одбил обид за понуда за поткуп и дека тоа веќе го пријавил кај надлежните органи. Тој кажа дека се барало од него да потпише за тендер кој истекува на 17 септември, но дека не прифатил.
– Бев жртва на обид за поткуп. Нормално, тоа не оди јавно, на отворени емисии, ниту има документи кои се потпишуваат. Тоа беше преку канал за комуникација. Лично кажав дека за Коридорот 8, секција 3, за пругата кон Бугарија, имаше обид да ми биде понуден поткуп и дека нема да го потпишам тендерот кој истекува на 17 септември – рече на прес-конференција премиерот Мицкоски.
Премиерот беше запрашан од новинарите дали пријавил и кому пријавил.
– Пријавив во сите институции кои треба да постапат. Поткупот не оди транспарентно со докази. Тоа беше преку канали за комуникација, но доволно сум искусен да насетам дека целта на соговорникот е таа за која говорам. Вакви поткупи можеби имало во минатото, но јас додека сум премиер нема да потпишам. Беа известени и европските партнери, бидејќи станува збор за пари на европските даночни обврзници – одговори Мицкоски.
Тој најави дека натамошниот тек околу тендерот и изградбата на пругата кон Бугарија со бугарската страна продолжува во Брисел на многу повисоко ниво.
Според него, друга голема грижа е што проектот за пругата не е целосен.
– Очекуваме иста таква посветеност и загриженост како што ние ја манифестираме и од бугарска страна, односно другата половина од тунелот да биде завршена, но и оние 5-6 километри со кои ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна зашто нам ни треба целиот Коридор, а не да потрошиме половина милијарда евра овде, а тие да не направат ништо. Ќе ве потсетам на граничниот премин Клепало кога од македонска страна сѐ беше завршено и патот и граничниот премин, а од бугарска страна немаше ништо завршено. И ќе ве потсетам дека ние го привршуваме и ако сѐ биде како што треба, до крајот на годината ќе биде завршен експресниот пат кој ќе ја поврзе земјава со источниот сосед што ќе заврши некаде после Крива Паланка. Така што, ние посветено работиме на Коридорот 8 и ќе продолжиме, но очекуваме иста таква посветеност и ист таков жар од страна на нашиот источен сосед бидејќи овој Коридор е потребен цел како стратешки коридор – рече Мицкоски.