БЕВ ОПСЕДНАТ СО НЛО, А МИСЛАМ ДЕКА ВОНЗЕМЈАНИТЕ, ВСУШНОСТ, СЕ ДЕМОНИ Венс најави дека досиејата за НЛО ќе бидат објавени
Мислам дека постои желба сè што е небесно да се опише како вонземско. Моето христијанско разбирање е дека надвор има многу добро, но постои и нешто зло, вели потпретседателот на АД, Џеј Ди Венс.
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј Ди Венс, изјави дека бил „опседнат со неидентификуваните летечки објекти“ (НЛО). Додека зборуваше за мистеријата што ги опкружува НЛО, потпретседателот Венс, кој е католик, рече дека верува оти суштествата што се сметаат за вонземјани се всушност демони, пренесe Фокс Њу.
На новинарско прашање дали администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги објави сите досиеја за НЛО, Венс одговори дека се работи на тоа.
– Работиме на тоа. Но, јас не мислам дека тоа се вонземјани. Секако мислам дека се демони – рече Венс и додаде дека по преземањето на должноста потпретседател бил „опседнат со досиејата за НЛО“, но на крајот морал да се ангажира околу други прашања.
Тој рече дека секоја голема светска религија, вклучувајќи го и христијанството на кое и самиот му припаѓа, сфатила дека „надвор постојат чудни нешта кои е многу тешко да се објаснат“.
– Небесни суштества кои летаат наоколу и им прават чудни нешта на луѓето. Мислам дека постои желба сè што е небесно да се опише како вонземско. Моето христијанско разбирање е дека надвор има многу добро, но постои и нешто зло – рече Венс и додаде дека верува оти меѓу „големите трикови на ѓаволот е и оној да ги убеди луѓето дека тој никогаш не постоел“.
Минатиот месец, претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе нареди објавување на досиејата што се однесуваат на прашањето за вонземјаните и НЛО.