„БЕВ НАИВЕН, ВЕРУВАВ ВО СИСТЕМОТ, НО ШТО ДА ОЧЕКУВАМ ВО ЗЕМЈА СО САМО 2% ОСЛОБОДИТЕЛНИ ПРЕСУДИ?“ Вело Марковски е разочаран по условната пресуда
Професорот Вело Марковски вели дека во земја со само 2% ослободителни пресуди, судот служи само да потврди што ќе каже обвинителот. Обвинува дека му биле повредени основни права, а судењето го нарекува политички театар без докази и со претходно подготвена пресуда.
Професорот Вело Марковски со длабоко разочарување ја примил пресудата за присвојување културно наследство и природни реткости. По пресудата, тој ја испрати својата прва јавна реакција до Плусинфо – долга, потресна и обвинувачка изјава, во која вели дека пресудата ја примил со „неверување и со длабоко разочарување“.
На последното рочиште, Вело Марковски, заедно со шестмината обвинети за трговија со артефакти, беше прогласен за виновен за „присвојување добра под привремена заштита, културно наследство или природна реткост“, а сите беа осудени на 2 години затвор условно ако не направат кривично дело во рок од 5 години.
– По десетици поднесоци, приложени докази, вештачења, примери од судска пракса, верував дека конечно ќе преовладее правото и ќе добијам ослободителна пресуда. Но, бев наивен. Повторно верував во државата, во системот, во правдата – вели Марковски, реагирајќи на пресудата која според него е целосно спротивна на фактите и на законот.
„Пресуда без предмет – што сум присвоил?“
Марковски укажува дека во пресудата не е наведено кој предмет тој наводно го присвоил, ниту дека истиот е категоризиран како културно наследство, привремено заштитено добро или природна реткост.
– Да донесеш пресуда дека некој нешто присвојувал (украл) и при тоа да не кажеш што присвоил? Да донесеш пресуда дека тоа нешто е и културно наследство и добро под привремена заштита и природна реткост во исто време? Да речеш дека нешто е добро под привремена заштита, а тоа нешто никаде да не е пријавено како добро под привремена заштита и да не го почитуваш законот за заштита на културно наследство и здравиот разум – посочува Марковски.
Марковски потсетува дека законот јасно предвидува дека предмет за кој не е утврдено дали е културно наследство, прво мора да биде доставен до Управата за заштита на културното наследство, па да биде категоризиран и архивиран.
– Ниту еден предмет не е доставен. Обвинителот не приложи ниеден извештај, ниедно категоризирање, ниедна потврда дека предметите што ги поседував биле културно наследство. И покрај сето тоа, судот не го почитуваше законот – ниту законот за заштита на културно наследство ниту здравиот разум – потенцира тој.
Осуден за природна реткост без потврда од надлежно министерство
Во делот за наводно присвојување на „природна реткост“, тој објаснува дека обвинителот ги нарекол камењата и кристалите „природна реткост“, но не приложил ниедна потврда од надлежно тело.
– Ниеден камен не е прогласен за природна реткост од релевантна институција. Но, доволно било обвинителот да тврди. Тоа е денешната правда – вели Марковски.
„Судството е во распад – само 2% ослободителни пресуди“
Марковски жестоко го критикува системот, потсетувајќи дека според официјални податоци, во Македонија има само 2% ослободителни пресуди.
– И тие се по налог на повисоките судови. Па се прашувам – зошто постои суд? Зошто да трошиме години, здравје и пари кога судот секогаш ќе пресуди онака како што бара обвинителот? – вели тој.
Марковски се жали дека во текот на процесот му биле повредени основните човекови права, дека не се почитувал Уставот, дека обвинението било изменето на крајот, без нова доказна постапка, дека обвинителот одржал политички говор, наместо да приложи докази, а судијата, според него, го повторил речиси истиот говор во пресудата.
– Се прави судска пракса во која обвинението се менува на завршен збор, без можност за одбрана. Се прави судска пракса во која не се почитува презумцијата на невиност. Се прави судска пракса во која судијата суди според убедување, не според докази – посочува Марковски.
„13 години од животот – за што? За љубов кон татковината?“
„И на крај, не знам дали и како ќе ги преживеам следниве 5 години, заедно со досегашните 7 и плус најверојатно 1 година додека не стане сѐ правосилно, значи добри 13 години од мојот живот“.
Ова го заклучува професорот Марковски кој прашува дали државата навистина има штета од неговото постоење и дали е подобро Вело Марковски да молчи, отколку да зборува.
Тој потсетува на своето минато, на јавните експертски изјави во време на пандемијата. Саркастично додава:
– Ако има следна пандемија, нека дава совети обвинителот, некој виш инспектор или поранешен директор на ДБК – додава тој.
На крајот, Марковски вели дека ќе продолжи да помага, па макар и од затвор, и се моли за заштита од Свети Илија.
– Јас, кој бев сурово пикнат во притвор, требаше да молчам. Но, мојата задача е да му помагам на народот. Судот ќе покаже патриотизам кога ќе почне да суди според докази, а не според рекла-казала и убедувања – заклучува тој.
Во притвор, напишал и строфа:
„Македонец и Албанец, христијанин и муслиман
се во соживот и се викаат брат,
имаат нов заеднички бог – мислител,
името му е јавен обвинител.“
Дали ова е крајот на борбата на Вело Марковски, или само почеток на жалбена постапка – останува да видиме.
Но, по оваа реакција, јасно е дека нема намера да молчи.