БЕТОВЕН БИЛ ОТРУЕН? Застрашувачки сознанија за неговите болести
Покрај губењето на слухот, познатиот музички композитор Лудвиг ван Ветовен во текот на животот имал и гастроинтестинални проблеми, доживеал два напада на жолтица и се соочил со тешка болест на црниот дроб.
Високите нивоа на олово пронајдени во прамени од косата на познатиот композитор Лудвиг ван Бетовен сугерираат дека композиторот имал труење од олово, што можеби придонело за болести кои го мачеле во текот на неговиот живот, вклучително и глувост, покажува ново истражување, а објави Си-Ен-Ен.
Покрај губењето на слухот, познатиот музички композитор во текот на животот имал и гастроинтестинални проблеми, доживеал два напада на жолтица и се соочил со тешка болест на црниот дроб.
Се верува дека Бетовен починал од заболување на црниот дроб и на бубрезите на 56-годишна возраст. Но, прашањето што ги предизвикало неговите бројни здравствени проблеми мачи многумина, дури и самиот Бетовен се надевал дека лекарите на крајот ќе можат да ја откријат причината за проблемот. Композиторот изразил желба сите овие болести да се проучат и по неговата смрт.
Меѓународен тим на истражувачи почнал пред речиси една деценија да ја истражува причината за смртта на композиторот.
Со помош на ДНК анализа, тимот утврдил дека Бетовен имал значителни генетски фактори на ризик за заболување на црниот дроб, а и инфекција со хепатит Б пред неговата смрт. Но, резултатите не дале никаков увид во основните причини за неговата глувост, која започнала во неговите 20-ти, или, пак, за неговите гастроинтестинални проблеми.
Покрај високите концентрации на олово, најновите наоди покажуваат дека арсенот и живата останале заробени во косата на композиторот речиси 200 години по неговата смрт.
Зголемените нивоа на олово, откриени во косата на Бетовен, „вообичаено се поврзани со гастроинтестинални и бубрежни заболувања и намален слух, но не се сметаат за доволно високи за да бидат единствена причина за смрт“, напишале авторите на истражувањето.
Бидејќи истражувачите немале примероци од косата од раната возраст на Бетовен, невозможно е да се разбере кога започнало труењето со олово.
Но, како Бетовен завршил со толку многу олово, како и со арсен и со жива, во неговото тело, останува главно прашање.
„Супстанците најверојатно се акумулирале во текот на децении од животот на композиторот преку храна и преку пијалоци“, рекол водечкиот автор на студијата, Надер Рифаи, професор по патологија на Харвардскиот медицински факултет и директор за клиничка хемија во Бостонската детска болница.
Бетовен бил познат по тоа што сакал вино, понекогаш пиел по едно шише дневно. При правењето вино, како засладувач се додавал олово ацетат, рекол Рифаи. Оловото тогаш се користело и во производството на стакло.
Бетовен сакал и да јаде риба, а во тоа време Дунав бил одличен извор на рибарската индустрија, што значи дека отпадот завршувал во истата река каде што е изворот за лов. Рибите веројатно содржеле арсен и жива, објаснил експертот.