БЕСПЛАТНО ПРЕГЛЕДАНИ БЕНКИ КАЈ 550 ЛИЦА Dm спроведе дерматолошки прегледи на 5 локации во Скопје и во Охрид
Компанијата dm дрогерие маркт во текот на јуни спроведе кампања за бесплатни дерматолошки прегледи во Скопје и во Охрид, која траеше вкупно пет дена. Прегледите беа спроведени во соработка со д-р Елизабета Ризова и д-р Радмила Ончева, специјалисти по дерматовенерологија и беа насочени кон рано откривање сомнителни промени на кожата, конкретно на бенките на кожата, но имаа и за цел да се информира јавноста за соодветна заштита од сонце, адекватна употреба на заштитни производи и важноста на превенцијата за нашето здравје.
Во текот на кампањата беа извршени речиси 550 дерматолошки прегледи, а според статистиките на прегледани, 30% биле упатени на подетални испитувања заради специфичноста на утврдените промени на кожата и бенките, додека пак 20% од биле упатени на хируршко отстранување на бенки. Кај повеќе од дваесетина прегледани се забележани специфични промени, кои поради сомнеж од меланом се упатени на задолжителни понатамошни детални испитувања.
– Загрижува фактот дека на светско ниво е во пораст бројот на малигниот меланом ММ, со околу 325.000 нови случаи во 2020 година. Ова не бира ниту возраст ниту пол и е сѐ почест кај младата популација. Затоа советуваме еднаш годишно секој да направи скрининг односно дермоскопски преглед на бенките. Со тоа би се открила каква било рана промена на бенката и доколку е таа сомнителна за ММ би се интервенирало оперативно и би се спасил животот на пациентот. Колку е порано отстранет ММ толку е поголема шансата да се спаси живот – вели д-р Радмила Ончева.
Таа вели дека постојат неколку карактеристики кои треба да се следат кај бенките, односно т.н. „ABCDE-правило“:
Asymmetry (aсиметријa) – едната страна на бенката битно се разликува од другата
Border (граници) – неправилни како изгрицкани рабови
Colour (боја) – присуство на повеќе различни бои / кафена, сина , црна, бела, црвена
Diameter (дијаметар) – дијаметар поголем од 6 мм
Evolution (развој) – после некој временски период бенката покажува промена во формата, големината, бојата.
Доколку се забележи каква било промена од горенаведените се препорачува посета на дерматолог.
Бројките и од овие дерматолошки прегледи особено ја истакнуваат важноста од редовно следење на состојбите на кожата и навремено реагирање на какви било промени, а токму развивањето на јавната свест за ова е и целта на компанијата dm.
– Години наназад работиме на тоа да ја запознаеме јавноста со важноста на здравствената заштита и клучната улога на превентивните прегледи. Одѕивот на граѓаните на бесплатните дерматолошки прегледи оваа година беше навистина одличен и горди сме што поттикнавме речиси 550 луѓе да донесат добра одлука и да го направат својот редовен преглед токму тука. Веруваме дека сите ќе продолжат да ги следат советите што ги добиле од дерматологот при прегледот и се надеваме дека резултатите од оваа иницијатива ќе поттикнат голем број луѓе да направат важен чекор во зачувување на своето здравје и да извршат превентивни прегледи, а ние како компанија и понатаму ќе продолжиме со нашата посветена работа за поддршка на заедницата и развивање на свеста за важноста на здравствената заштита – изјави Кристина Дуранска, маркетинг менаџер во dm.
Оваа кампања е само еден од многуте чекори што dm ги презема за да го поддржи здравјето на граѓаните и активно да придонесе за нивниот подобар живот. Бесплатните дерматолошки прегледи во организација на dm прв пат се одржаа минатата година во Охрид, а оваа година беа одржани во 5 различни дена, 3 во Скопје, во Парк-шумата „Гази Баба“ и во Градскиот парк во Скопје, како и на плажата „Куба либре“ во Охрид.
– Ја поздравуваме оваа прекрасна иницијатива на dm, која го актуализира овој глобален проблем што нѐ засега сите нас. Огромно е задоволството што сме дел од оваа активност, особено поради големиот број прегледани пациенти, споделени информации, новооткриени сомнителни случаи и дадени совети за нивно решавање. Она што е навистина е за поздравување е фактот што голем број прегледани лица во Скопје и во Охрид се лица со светол тен и светли очи, односно онаа група луѓе кај која постои поголем ризик од кожни заболувања, што укажува на тоа дека активностите за подигнување на свеста кај нашите сограѓани вродуваат со плод – изјавија д-р Елизабета Ризова и д-р Радмила Ончева,специјалисти по дерматовенерологија по повод бесплатните дерматолошки прегледи на dm.