БЕСПЛАТНИ ОБРОЦИ И ПРИБОР ЗА УЧЕНИЦИТЕ ДО ПЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ Бесплатни униформи за сите основци во Македонска Каменица
Во првите 2 години, целосно ќе го реконструираме средното општинско училиште „Миле Јаневски-Џингар“ и спортското игралиште во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“, најавува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски.
Современи училишта, бесплатни оброци и униформи за учениците во Македонска Каменица најавува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски.
– Следниот мандат го продолжуваме со силен фокус на образованието и на младите, затоа што тие се нашата најголема вредност и иднината на Македонска Каменица. Во првите 2 години, целосно ќе го реконструираме средното општинско училиште „Миле Јаневски-Џингар“ и спортското игралиште во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“. Ќе продолжиме да ги подобруваме условите за квалитетна настава со современа опрема и со напредни наставни помагала – вели Атанасовски во видеообраќање.
За поголема безбедност на децата, додава тој, ќе ги уредиме училишните дворови и ќе поставиме ново осветлување и заштитни огради.
– Секое дете до петто одделение ќе добива бесплатен оброк и училишен прибор, а сите ученици до деветто одделение ќе имаат бесплатни униформи – најави Атанасовски.
Ќе го доопремиме подрачното училиште во село Моштица и ќе изградиме ново спортско игралиште за младите, додава тој.
– Ќе вложиме и во средното образование, преку поддршка на стручните насоки, практична настава и соработка со локалните компании, за младите да добијат повеќе можности и причина повеќе да останат дома покрај своите во Македонска Каменица. Нашата цела е јасна, подобро, модерно и достапно образование за секое дете. Затоа што млада и образована Македонска Каменица значи силна и развиена општина – вели Атанасовски.