БЕСПЛАТЕН ПРИСТАП ДО ПЛАТФОРМАТА WEB OF SCIENCE На располагање им се 26.000 списанија и 182 милиони записи на научниците, професорите и на истражувачите
Оваа соработка ќе придонесе за поголема видливост на нашата научно-истражувачка работа во светот и соработка со видни универзитети. Но, основно е она што ние го имаме за цел - еден од нашите универзитети да го ставиме меѓу првите 1.000 на Шангајската листа, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Професорите, научниците, истражувачите од јавните универзитети и од МАНУ ќе можат бесплатно да ги користат научните бази на платформата Web of science, најави министерката за образование Весна Јаневска која ја промовираше соработката со сопственикот на базата – Clarivate.
Владата на седница оваа пролет ја донесе одлуката за соработка, а Министерството за образование и наука во јули го склучи договорот за пристап до Web of science со сопственикот Clarivate.
Претставникот на оваа компанија, Радек Бучиковски, со неговиот тим денеска во Скопје ги претставија можностите на платформата Web of science пред членовите на македонската академска и научна заедница.
– Clarivate е многу горда на оваа нова соработка и навистина ја цениме довербата што ја имате во нас. Ние имаме над 6 години искуство работејќи со влади, универзитети и со академски заедници во многу земји низ светот. Веруваме дека тоа искуство ќе ѝ помогне на Северна Македонија за унапредување на истражувањата и на иновациите – изјави Бучиковски.
Министерката за образование Весна Јаневска соопшти дека со користење на оваа база, научниците, професорите и истражувачите ќе имаат пристап до 26.000 списанија и 182 милиони записи.
– Тоа е важно бидејќи на нашите научници ќе им ја олесни нивната работа, ќе им даде пристап до најновите достигнувања и, она што е во моментов актуелно во светот, ќе им олесни да ги креираат своите трудови, своите проекти. Оваа соработка ќе придонесе за поголема видливост на нашата научно-истражувачка работа во светот и соработка со видни универзитети. Но, основно е она што ние го имаме за цел – еден од нашите универзитети да го ставиме меѓу првите 1.000 на Шангајската листа. За да се позиционира таму, потребно е годишно да објавуваат 1.200 трудови во списанија со импакт-фактор. За жал, кај нас тоа објавување е на ниско ниво. Очекувам соработката со Web of science да го поткрене нивото – и на квалитетот на трудовите, но и на квантитетот и брзината со која ние ќе можеме да ги исполнуваме условите – изјави Јаневска.
Посочи дека ќе бидат потребни и измени на законите за високо образование и за научно-истражувачка работа во кои, како рече, „критериумите за избор ќе бидат малку построги“.
– Државата ќе побара од научниците, професорите, истражувачите, кои сега имаат услови, да ѝ возвратат на државата со тоа што ќе истражуваат и ќе пишуваат и да поткренеме барем еден од нашите универзитети погоре на таа листа – рече Јаневска.
Министерката додаде дека Владата продолжува да инвестира во науката со тоа што годинава е издвоен буџет од 680 милиони денари од кои 370 милиони денари се веќе распределени.
– Финансираме објавување на трудови, објавување трудови во списанија со импакт-фактор, учество на наши научници и истражувачи на меѓународни конференции, објавуваме повици за научно-истражувачки проекти, финансираме и поддржуваме меѓународни проекти. Тоа е важно, за да го направиме нашето општество попродуктивно, поиновативно и попросперитетно во иднина. Со овој пристап, де факто нашите научници можат да придонесат за развој на општеството – нагласи Јаневска.