БЕСОТ НА ИЗРАЕЛЦИТЕ Е ОГРОМЕН Македонец во Тел Авив вели дека после ова ништо нема да биде исто
Во Тел Авив е мирно, нема народ, нема многу движење. Психозата кај луѓето е очигледна. Се надевам дека наскоро ќе се нормализира состојбата – вели Љупчо Тасевски за Глас на Америка.
Љупчо Тасевски веќе четири години работи во ресторан на плажите во Тел Авив, Израел, за Гласот на Америка ја опишува како тешка и напната ситуацијата во Израел после нападот на терористичката организација Хамас.
– Бесот е огромен кај Израелците, после ова што се случи. Израел беше нападнат од Хамас. На 12 места беше пробиена оградата помеѓу Израел и појасот Газа. Беше нападнат еден музички фестивал, каде се претпоставува дека повеќе од 250 млади се убиени и исчезнати. Значи, сликите се страшни кои се вртеа по телевизиските канали. Нивниот гнев е огромен. Не знам како ова ќе се одвива во иднина – вели тој.
Љупчо вели дека во моментот Тел Авив е празен.
– Во Тел Авив е мирно, нема народ, нема многу движење. Психозата кај луѓето е очигледна. Се надевам дека наскоро ќе се нормализира состојбата. Супермаркетите работат, аптеките се отворени, снабдувањето е нормално, нема недостиг на намирници. Нема паника, масовно купување. Да се надеваме дека се ќе се среди. Но, не работат ресторани, има затворени фабрики – вели Тасевски.
Тој вели дека Македонците, кои се во Израел, а кои тој ги познава, се на безбедно.
– Нас не има пред сè во Тел Авив и околината, во Батијам Раматган, Холон. Амбасадорот не контактираше уште првиот ден и ни ги кажа протоколите на кои начин да се пријават тие што сакат да се пријават. Јас засега не се пријавувам. Некои се пријавија, не знам како ќе оди тоа, најверојатно заедно со некои балкански земји – вели Тасевски во разговор за Гласот на Америка.
Тој смета дека ова ќе ја промени сликата во овој дел од светот, и оти кој и да доминира во оваа војна, повеќе ништо нема да биде исто.