Бескрајни истраги за уцени и за рекет, притвори за тортура – до кога вака, другарчиња?
Крајно време е да се скурдепсате и наместо да испраќате закани до оние кои јавно говорат и пишуваат за оваа ваша пресија врз обвинителите и врз судиите, да престанете да ја компромитирате правдата. Најтопло ви препорачувам, другарчиња, престанете веднаш!
Стејт департментот, во најновиот извештај за Македонија, меѓу другото, оцени дека обвинителите ги пречекоруваат законските рокови во истрагите и за тоа не сносат никакви последици. Тоа е точна и многу важна констатација којашто упатува на еден од симптомите на најтешката болест од која боледува нашето правосудство.
А болеста се вика – жестока политичка репресија!
Обвинителствата сега се обидуваат да ја убедат јавноста дека причините за бескрајно долгите истраги се објективни – предметите биле сложени, вештачењата доцнеле, немало доволно обвинители… Не велам дека нема и објективни причини. Впрочем, законот тоа го предвидел и затоа овозможил истрагите за најсложените случаи да траат и до 18 месеци, а според некои други толкувања, до 21 месец. А тоа не е малку.
Мислам дека овој пат Стејт департментот не го критикува судството за недостигот од ресурси, туку токму за злоупотребата на продолжените, бескрајни истраги, заради притисок врз осомничените. Очигледно е дека претставниците на американската администрација во нашата земја имаат прецизни информации дека тој притисок најчесто доаѓа од центрите на политичка моќ, при што некои обвинители, за жал, дозволуваат да бидат искористени како маши.
Вчера напишав дека јас знам за најмалку три такви истраги во кои сите рокови се пробиени. Денеска веќе можам да посведочам за пет. Официјално, пак, дури 17 од 19 истраги на некогашното СЈО се со пробиени рокови! Неверојатно, нели?
Ќе наведам само еден пример, спектакуларниот случај „Империја“. Истрагата трае цели 36 месеци. До сега на осомничните не им е презентиран ниту еден доказ. Освен една приказна и нацртани мапи, не видовме ништо друго што вреди да се спомне. Ова е случај без преседан. Што се работело три години?
Се знае што се „работело“. Лева рака десен џеб, ете тоа се работело!
Држењето на предметите во фиока, надвор од сите законски рокови, е клучна алатка за уценување и за рекетирање на осомничените. Судската разврска за случајот „Рекет“ јасно ни покажа како се плетеле рекетарските мрежи околу осомничените. И сė уште се плетат…
И изрекувањето на мерката притвор е дел од овој нелегитимен притисок врз осомничените. Притворањето, или подобро речено – киднапирањето на бизнисменот Орце Камчев, за случајот „Плацеви на Водно“, уште еднаш ни покажа како функционира тој притисок и што сè може да се случи било кому ако „шефот“ не дај боже реши да му ја „е*е мамата“.
Софија и официјално ја прогласи за лага приказната дека бугарски тајни агенти со Камчев подготвувале бегство на осомничениот. Да потсетам, службената белешка на нашата тајна полиција беше „доказот“ на кој се повика судијата кога одлучи на Камчев да му додели 30-дневен притвор. Тој документ на АНБ јавно не е обелоденет, а не го видел ни адвокатот на осомничениот, што е тешка повреда на правото на одбрана. Во некои медиуми беа пуштени спинови дека Камчев се договарал со бугарски агенти за бегство. Додека ние чекавме АНБ некако да ја потврди неверојатната СФ приказна, од Софија се огласи Каракачанов и во својот добро познат стил ја демонтираше оваа монтажа. И згора, ја искористи шансата да шутира пенал во небранет гол, обвинувајќи ги властите во Скопје за рекетирање бизнисмени.
Зошто вака, другарчиња? И до кога?
Никој не вели да нема истраги, обвиненија и судења. Напротив. Но, треба ли да се почитуваат законите, роковите и правата на осомничените и на обвинетите? Треба ли да се покренуваат истраги и за нови случаи на корупција, во време кога буквално секој ден се обелоденуваат корупциски скандали?
Кој е виновен што вашето славно СЈО, со целата странска и домашна поддршка, со логистика и пари какви што немало ниту едно друго обвинителство откако постои македонската држава, успеало само 2 од 19 истраги да оконча со обвиненија? Кој е виновен што Катица Јанева беше фатена со медот в раце, обвинета, судена и осудена во прв степен?
Другарчиња, не бидете толку алчни, кусогледи и самозаљубени. Сфатете, нема да ви биде простено за ова поигрување со правдата и за злоупотребите на истрагите и на мерката притвор. Се води рабуш, се пишуваат досиеја. Моќни независни меѓународни институции, како Стејт департментот, гледаат што се случува, бележат и известуваат. Гледате и самите, тие веќе зборуваат за сомнителните одолговлекувања на истрагите. Наскоро ќе се проговори и за тортурата врз притворениците. Кај и да е, ќе ги читаме и извештаите на независните институции за киднапирањето и за притворската тортура врз Камчев…
Што ќе кажете тогаш, другарчиња? Пак ли ќе ви бидат виновни режимот на Грујо, опозицијата и критичарите на власта?
Слушајте добро, да ви каже нешто „старото“. Начув дека така сте ме викале таму, во штабот муртински…
Значи, „старото“ ви вели дека е крајно време да се скурдепсате и наместо да испраќате закани до оние кои јавно говорат и пишуваат за оваа ваша пресија врз обвинителите и врз судиите, да престанете да ја компромитирате правдата. Најтопло ви препорачувам, престанете веднаш! Ако сакате, одозгора на тога и на српски ќе ви кажам – оканите се ќоравог посла!
Ослободете ги заробените обвинители и судии и дозволете им да ја вршат својата работа чесно, законито и одговорно. Не ги фрлајте луѓето да горат во огнот, како што ги фрливте Катица Јанева и неколку други обвинители и судии. На крајот и вие ќе изгорите со нив.
Со еден збор, сакам да ви кажам дека и човечки и христијански е на другите да не им го правите она што не сакате некој друг вам да ви го прави. И немојте утре да речете дека не ви било кажано!