Бесими: Со парите од новата еврообврзница ќе се плаќа долгот за обврзницата од 2014 година
Министерот за финансии рече дека кматната стапка на последната еврообврзница е пониска од оние кои се постигнати минатата недела при аукции од страна на земјите од регионо.
Со еврообврзницата издадена вчера ќе се врати долгот за третата еврообврзница од 2014 година во износ од 500 000 000 евра. Нето-повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 000 000 евра и остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит. Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Министерот рече дека на верашната аукција, имало за 2,3 пати поголема побарувачка од страна на меѓународните инвеститори, односно ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 000 000 евра, побарувачката била 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори.
Тој направи споредба со еврообврзниците кои ги зедоа повеќе земји од регионот.
– Минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра, од кои едната со каматна стапка од 1,75 отсто додека другата од 1,125 отсто. Понатаму минатата недела и Србија излезе на меѓународниот пазар на капитал со еврообврзница од милијарда евра и постигна каматна стапка од 1,65 отсто. Еврообврзниците кои ги издаде Турција кон средината на јануари годинава, од по 1,75 милијарди евра, беа со каматни стапки од 4,75 отсто и 5,875 отсто. Во декември минатата година Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253 отсто. Црна Гора на почетокот на декември минатата година издаде еврообврзница во износ од 750 милиони евра со камата од 7,253 отсто – рече Бесими.
Бесими ги оцени како гласини информациите во кои се тврди дека се прави ново нето-задолжување од 700 000 000 евра.
– Кога се носеше буџетот за 2021 година, беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568,1 милиони евра, кој се должи главно на потребите поврзани со ковид-кризата, треба да се отплати надворешен долг во вкупен износ од 605,6 милиони евра. Во него влегува и еврообврзницата од 2014 година и отплата на домашен долг од 99,5 милиони евра по основ на претходно издадени државни хартии од вредност и структурни обврзници. Остатокот од средствата ќе се обезбедат преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот пазар, поволни развојни кредити од меѓународни организации и користење депозити кои ги оставивме како резерви (бафери) во 2020 година – рече министерот.
Тој наведе дека заедно со преземните обврски и отплата на обврските кои достасуваат, проекциите на Министертсвото за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на годината ќе изнесува 53,2 отсто, додека јавниот 63,4 отсто.