Бесими: Овој ребаланс на Буџетот треба да обезбеди пари за четвртиот пакет економски мерки

Комисијата за финасирање и буџет за ребалансот ќе расправа 10 дена

406

Овој втор по ред  ребаланс на буџетот за 2020 година е за справување со коронавирусот и обезбедување на пари за  реализација на Четвртиот пакет економски мерки на Владата , рече во своето обраќање министерот за финансии Фатмир Бесими воо собраниската Комисија за финансирање и буџет каде што почна  десетдневната расправа по ребалансот на Буџетот.

Бесими рече дека вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари кои се  4,2 отсто, односно за 10,1 милијарди денари повеќе од претходниот ребалан, а финансирањето ќе биде главно од дома. Јавниот долг на крајот на годината се проценува на 59,5 отсто од БДП.






– Дефицитот е позициониран во износ од 8,5 отсто од БДП – рече Бесими.

Бесими појасни дека со овој ребаланс приходите се планирани да бидат пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс и потребен за финансирање на мерките, додека  капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари или 1,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања.

– Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари и се на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6 отсто и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Придонесите од социјално осигурување како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,6 отсто повисоко во однос на планот за 2020 година. Останатите приходи – неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари – рече Бесими.

На расходната страна , додаде Бесими,за исплата на платите се проектирани на 30,2 милијарди денари односно на исто ниво во однос на планот.

– Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од 17,8 милијарди денари или за 1 милијарди денари помалку во однос на планот за 2020 година. Тековните трансфери се планирани на ниво од 178,4 милијарди денари или за околу 12.3 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред се на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и ќе претставуваат директен поттик за приватната потрошувачка- рече првиот финансиер.

За средствата кои се обезбедени со реалокација се опфатени сите институции по принципот да се скрати се што не е поврзано со основната дејност и не ја нарушува основната дејност на институцијата, како и во делот на капиталните расходи, каде е скратено она што очигледно нема да се реализира до крајот на годината.

Со ребалансот капиталните расходи се планирани на ниво од 18,4 милијарди денари или 1,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19. Притоа, капиталните расходи на основниот буџет се на исто ниво.

Во новиот ребаланс, како што рече Бесими, пари ќе има за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14.500 до 21. 776 денари, во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 4,3 милијарди денари или 70 милиони евра за домашна платежна картичка за ранливи категории погодени од ковид-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 1,6 милијарди денари или 27 милиони евра за поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 412 милиони денари или 6,7 милиони евра за поддршка на туристички водичи регистрирани како самостојни вршители на дејност, 9,8 милиони денари или 160.000 евра за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања – 120 милиони денари или два милиони евра, за македонски викенд шопинг со МојДДВ, при што за граѓаните кои се регистрирани на апликацијата МојДДВ ќе се врши поврат на целиот износ на ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари, милијарда денари или 17 милиони евра за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик, 799 милиони денари или 13 милиони евра за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби – 330 милиони денари или 5,5 милиони евра.

Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот на Буџетот ќе расправа 10 дена.

Поврзани содржини