Бесими очекува повисоки стапки на раст на економијата наредните години
Министерот за финансии учествуваше заедно со негови колеги од Хрватска, Унгарија, Полска и Бугарија на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“.
Годинава нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, додека следната година ќе го достигне преткризното ниво. На среден рок, очекувам повисоки стапки на раст на економската активност и достигнување на просечно ниво од пет отсто во следните пет години, со паралелна фискална консолидација во насока на одржливост на растот, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ .
Бесими рече дека годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, потрошувачката и нето странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 отсто во 2021 година, согласно основното сценарио.
Ова сценарио претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.
На панелот учествуваа и вицепремиерите и министри за финансии на Хрватска, Унгарија, Полска и Бугарија.
Во дискусиите и анализите на учесниците, секоја година, вниманието е насочено кон најважните прашања за финансиските пазари и воопшто за економиите во Централна и Источна Европа.