Бесими најави враќање на патеките на раст остварени пред кризата

Министерот за финансии очекува закрепнувањето на економијата да биде видливо веќе наредната година.

207

Што побрзо враќање на патот кој ќе донесе солиден економски раст, со стапки од 4-5 проценти, достоинствени плати, создавање нови работни места, намалување на невработеноста. Ова се дел од приоритетите на министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој  додаде дека тоа нема да биде лесно и дека состојбата е сериозна поради неизвесноста на здравствената криза и дека е можна корекција на првичните проекции за годинава за растот на економијата.






– Во првата половина од годината има реален пад на економската активност од 6,4 отсто. Согласно ребалансот кој е направен во мај приходите се скратени за 11,5 отсто во однос на иницијалниот буџет. Државниот долг на крајот на вториот квартал годинава изнесуваше 50,7 проценти од БДП. Зависно од проширувањето на здравствената криза можно е да има соодветна корекција на проектираниот економски раст во периодот што следи, но најважно е да ги заштитиме ранливите сегменти кај граѓаните и стопанството – истакна Бесими.

Тој, како што рече, заедно со тимот работи на мерки и политики што ќе овозможат поддршка на обновувањето на одржлив  раст.

– Прво и најважно, до крајот на мандатот да ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4 отсто,, што ќе создаде солидна основа за удвојување на долгорочниот просечен економски раст од 2,6 проценти во последните 10 години на 4 отсто до 5 отсто раст во наредниот период. По завршувањето на кризата, да овозможиме раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија, што реално ќе овозможи и пораст на минималната плата – истакна Бесими.

Бесими додаде дека се работи на четвртиот пакет мерки кој е насочен кон економско заздравување,

– Овие мерки треба да се надоврзат на претходните и да „вбризгаат“ нова ликвидносна инјекција во стопанството. Во таа насока, се редизајнираат или подобруваат и некои од постојните мерки кои имаат потенцијал за натамошна поддршка на економското заздравување – рече Бесими.

Според него, очекувањата се дека во 2021 година, со исцрпување на неповолните ефекти од пандемијата и подобрување на искористеноста на производствените капацитети, како и очекуваниот раст на извозот во рамки на традиционалните дејности, се очекува заживување на извозната активност. На среден рок, во услови на одредено стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на стртанските директни инвестиции, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст.

Бесими посочи дека за време на кризата ќе се настојува преку мерки, стапката на невработеност да не расте значајно, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот да се продолжи динамиката на намалување на стапката на невработеност по три процентни поени годишно.

На прес-конфеенцијата напомена дека преку концепт на СМАРТ – финансии (стратешки, одржливи, реформски ориентирани и транспарентни финансии), преку јасн цели и задачи и одговорно и транспарентно работење може да се постигнат овие цели.

Според него, традиционалното буџетирање кое се базира на краткорочно ниво на финансирање, треба да се преориентира кон долгорочно буџетирање ориентирано кон резултати во остварување на стратешките цели.

-Треба да се види перформансот на институциите и согласно тоа да се утврдува колку средства ќе им се доделуваат на буџетските институции за проекти, во согласност со тоа какви се резултатите. На тој начин ќе се надминат нереалните планирања што ги имаме со години, па и децении наназад, каде што капиталните расходи се нереално високо планирани, а кои потоа реално потфрлаат во реализацијата. Понатаму, планирањето од една за друга фискална година треба да се ориентира повеќе кон подолгорочно планирање. Најголем дел од стратешките и капиталните проекти не се реализираат во текот на една фискална година, туку во текот на повеќе. Умешноста да се утврди вистинската динамика на проектот на среден рок, може да биде од суштинско значење и за самата реализацијата на тој проект – рече Бесими.

Поврзани содржини