Бесими: Македонската економија е сериозно погодена од пандемијата со ковид-19
Министерот за финансии рече дека она што е добро во целата приказна е тоа што финансискиот систем е стабилен.
Министерот за финансии Фатмир Бесими и банкарите денеска договараа како ќе се реализираат мерките од четвртиот пакет кои се однесуваат на кредитирањето на бизнисите кое треба да се реализира преку банкарскиот сектор.
Бесими рече дека преку банкарскиот сектор ќе се реализираат дел од марките предвидени со четвртиот пакет економски мерки.
– Планираме за почеток да префрлиме 10 милиони евра во Развојната банка кои ќе се реализираат преку комерцијалните банки. А преку вас банките ќе се реализираат и парите од Европската унија и грантовите кои се реаизираат преку Развојната банка. Исто така и платежните картички ќе се реализираат преку банките со кои веќе имаме искуство – рече Бесими.
Бесими во своето обраќање рече дека македонската економија е сериозно погодена од пандемијата со ковид-19, според Бесими, а најдобар показател се БДП и јавниот долг, чии проекции се полоши во однос на финансиската криза.
– Она што е добро во целата приказна е тоа што финансискиот систем е стабилен. Тоа е една голема предност во справувањето со Ковид кризата. Во овој период кога останатите бројки се со негативен предзнак, добро е тоа што во финансискиот сектор динамиката се уште е со позитивен предзнак, рече Бесими.
Од банкарската асоцијација информира за активностите кои ги имале банките во периодот на пандемијата.
– Одложувањето на исплатата на кредитите, 70 отсто од физичките и 30 отсто од компаниите ја користеа оваа мерка на почеток. Во вториот процес на одложување од 1 октомви им е понудено на посериозно загрозените физички лица и компании. Засега нема точни оподатоци колку физички лица и компании пројавиле интерес за одложување на исплаќање на кредитите – рече претседателката на МБА Маја Стевкова Штериева
Од Македонската банкарска асоцијација каде членуваат сите поголеми банки, беше посочено дека банкарскиот сектор е стабилен, со високо ниво на капитализираност и ликвидност и оти сите работат со добивка. Најавија дека ќе продолжат да соработуваат со сите засегнати страни со цел да се излезе од актуелната криза.