Бесими: Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните мора да продолжи
Обезбедување на дополнителни средства за мерките за поддршка на стопанството, зголемени потреби за здравството, како и за вакцини, средства за поддршка за земјоделието, поддршка за социјално ранливите категории, како и повеќе средства за инвестиции – вели министерот.
Кога го носевме буџетот за 2021 година, најавивме дека тој ќе биде насочен кон стабилизација на економијата, преку поддршка на стопанството и граѓаните, на здравството, а исто така рековме дека поради непредлививоста на кризата, кон средина на годината ќе направиме ребаланс на буџетот со цел прилагодување на кон реалната состојба, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
– Она за што сме сите согласни е дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните мора да продолжи до целосно заздравување на економијата, како и враќање на економијата кон патот за економски раст. Во таа насока е и ребалансот на буџетот кој денеска ќе го презентираме – рече министерот.
Тој посочи дека ребалансот претставува приспособување на приходната страна на буџетот каде од почетокот на годината е забележано натфрлање, односно подобра наплата на приходите од предвиденото во буџетот.
– Обезбедување на дополнителни средства за мерките за поддршка на стопанството, зголемени потреби за здравството, како и за вакцини, средства за поддршка за земјоделието, поддршка за социјално ранливите категории, како и повеќе средства за инвестиции – вели Бесими.
Министерот вели тоа што го отсликува овој ребаланс е значително зголемување на капиталните расходи и тоа за 26,9 проценти во однос на иницијално донесениот буџет, односно зголемување за 6,5 милијарди денари со што учеството на капиталните расходи во вкупните расходи на буџетот од иницијално планирани 9,4 проценти се зголемуваат на 11,3 проценти што е повисоко од нивото на просекот во последните 10 години кој изнесува 9,5 проценти.
– Во однос на реализацијата во 2020 година, се планираат речиси 90 проценти повеќе капитални инвестиции, што уште еднаш ја покажува заложбата на владата за инјектирање на еден сериозен фискален стиумл во економијата насочен кон јавно-инфраструктурните проекти – рече министерот за финансии.
Новини во релабансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој. Наскоро се очекува да биде презентиран и Планот за финансирање на забрзаниот раст кој се очекува да овозможи нови инвестиции и работни места.
Премиерот Зоран Заев оцени дека ребалансот е поддршка за стабилна и развојна економија и насочен е кон тоа да се катализираат позитивните движења во економијата. Приоритетите ќе бидат насочени кон надминување на последиците од кризата преку зголемување на инвестициите и поддршка на компаниите.
– Економијата е стабилна. По импактот на третиот бран во првото тримесечје со умерен пад од 1,9 проценти, податоците на државната статистика покажуваат позитивни движења во економијата – истакна Заев, додавајќи дека во индустријата во март е прекинат падот на производството од претходните два месеца, а во април растот достигнал 41, 6 процент на годишна основа. Во првите четири месеци од годинава расте и искористеноста на производствените капацитети, а забележан е и раст кај трговската размена.
Поволните глобални движења се очекува позитивно да влијаат и врз движењата во домашната економија. За еден процент се очекува зголемување на бројот на вработени, а стапката на невработеност да се намали на 15,8 проценти. Проекцијата за раст останува 4,1 процент.