Бесими – Ангеловска-Бежоска: Економијата ќе закрепнува, но предизвиците од ковидкризата не се завршени
Министерот за финансии и гувернерката сметаат дека носителите на политиките мора и натаму постојано да ги следат движењата, да преземаат адекватни мерки за поддршка на граѓаните и компаниите.
Ако нема неповолен развој на здравствената криза и по очекуваното најсилно влијание на ковид кризата врз економијата во вториот квартал, во наредниот прериод може да се очекува постепено економско закрепнување со соодветно ангажирање на институциите.
Ова денеска на заедничка средба покрај другото го констатирале министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Министерот и гувернерката, сепак, сметаат дека предизвиците не се завршени – носителите на политиките мора и натаму постојано да ги следат движењата, да преземаат адекватни мерки за поддршка на граѓаните и компаниите и секогаш кога е потребно координирано да реагираат во согласност со своите надлежности.
– Актуелната криза предизвикана од ковид-19 претставува историски предизвик, не само за нас туку во целиот свет. Внимателно го следиме развојот на настаните и реагираме со соодветни мерки. Но за тоа, потребен е координиран и професионален пристап, тука пред сѐ мислам на координираната фискална и монетарна политика, но секако и пошироко на кохерентна економската политика. Останува во следниот период со сите засегнати страни да ги договориме конкретните активности. Паралелно со мерките коишто сега треба да се преземаат за закрепнување на економијата, треба и ќе работиме и на мерки и реформи коишто ќе значат подобрување на конкурентноста на нашата економија и прилагодување кон „новото нормално“. Главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, со фокус на обезбедување забрзан раст во посткризниот период – смета Бесими.
Ангеловска-Бежоска, пак, смета дека посочи дека досегашните ефекти од ковид-кризата врз домашната економија се во рамки на очекувањата од проекциите на Народната банка, но кај некои од показателите, остварувањата се и подобри од оние што се очекуваа, вклучително и за девизните резерви и за кредитната и депозитната активност на банкарскиот систем.
– Народната банка е максимално подготвена соодветно да реагира во рамки на својот мандат и ако се случи нов бран на здравствената криза. Во тој контекст, важна е и поддршката со пристап до девизна ликвидност во евра, којашто за првпат ја добивме од Европската централна банка, а би ја користеле ако има потреба од тоа – рече Ангеловска-Бежоска.
И двајцата сметаат дека е клучно што во сиот изминат период се одржува и се зајакнува финансиската стабилност, непрекинато и во текот на ковид-кризата. Потврда за тоа не се само показателите што ги следат двете институции, туку и согледувањата и оцените на меѓународните финансиски институции за отпорноста на нашиот финансиски систем на шокови. Кон нив се надоврзуваат и оцените од најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“, во којшто е нотирано дека банкарскиот систем останува стабилен.
Двајцата соговорници истакнаа дека токму здравиот, сигурен и стабилен банкарски сектор испорачува клучен придонес за севкупната финансиска стабилност и стабилизирање на очекувањата на инвеститорите, а со тоа и поддржување на економскиот раст.