ПОМИНА 10 ГОДИНИ ВО ПРИТВОР ВО ЛИБАН Ослободен е Ханибал Гадафи, синот на поранешниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи
Гадафи (50) беше уапсен во Либан во 2015 година, откако нелегално влегол во земјата од Сирија. Тој беше обвинет за криење информации за исчезнувањето на шиитскиот лидер Муса ал-Садр во Либија во 1978 година.
Синот на убиениот лидер на Либија Моамер ел-Гадафи, Ханибал Гадафи, беше ослободен од затвор во Либан, каде помина 10 години во притвор, потврдија денеска неговиот адвокат и судски извори.
– Тој е ослободен – изјави за ДПА Насиб Чедид, еден од неговите адвокати.
Неговиот правен тим соопшти дека Ханибал Гадафи бил ослободен со кауција од 900.000 американски долари и дека му е укината забраната за патување.
Ослободувањето се случи неколку дена откако либанските власти ја укинаа забраната за патување на Гадафи и ја намалија неговата кауција.
Судот првично побара кауцијата да биде одредена на 11 милиони долари, но минатиот четврток кауцијата беше намалена на 900.000 долари.
Гадафи (50) беше уапсен во Либан во 2015 година, откако нелегално влегол во земјата од Сирија.
Тој беше обвинет за криење информации за исчезнувањето на шиитскиот лидер Муса ал-Садр во Либија во 1978 година.
Шиитската милиција Амал во Либан го смета режимот на Моамер Гадафи за одговорен за исчезнувањето на свештеникот, кој е роден во Иран.
Либија постојано негира каква било вмешаност во неговото исчезнување.
Во минатото, имаше спротивставени извештаи за судбината на шиитскиот лидер, а некои сугерираа дека покојниот долгогодишен либиски владетел Моамер ал-Гадафи наредил негово убиство.
Случајот со ал-Садр останува едно од најконтроверзните и најнерешените прашања во поновата либанска историја и постојано ги затегнува односите меѓу Либан и Либија.