БЕСА ДАДЕ АМИН ЗА ПРЕДЛОГОТ Движењето ќе побара промена на терминологија за албанскиот јазик во Уставот
Ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението” да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик” - смета БЕСА.
Од Движењето БЕСА информираат дека до нив од страна на Владата пристигнала информација за францускиот предлог, откако бил разгледан и во согласност со партиските одлуки, оттаму потврдуваат дека ќе го прифатат секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и дека истиот нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата.
– Будно ја следиме актуелната политичка состојба во земјава, особено во насока на деблокирање на евроинтегративниот процес на земјата по францускиот предлог и интеграцијата на земјата во Европската Унија е единствената опција без друга алтернатива за иднината на Северна Македонија – соопштуваат од БЕСА.
Со оглед на тоа што францускиот предлог опфаќа отворање на Уставот и внесување на измени, од БЕСА нагласуваат дека тој момент може да се искористи и за уште една корекција на највисокиот акт во државата.
– Исто така, бидејќи францускиот предлог сам по себе подразбира уставни промени, ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението” да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик” – смета БЕСА.
Оттаму нагласуваат дека Владата нема капацитет, кредибилитет и легитимитет да управува со државата и побара организирање на предвремени парламентарни избори.