Беса Адеми: Немам чуено дека постои Методологија за прочиствување на судството
Претседателката на Врховниот суд смета дека судството има доволно сили и механизми во рамките на постоечките надлежни институции да ја спроведе потребната проверка на судиите, а критериумите за проверка на судиите треба да се засноваат на веќе воспоставените професионални и етички стандарди, морален интегритет, компентентност, професионалност, независнот и непристрасност.
Врховниот суд, односно Советот за одлучување по жалби одбил шест жалби поднесени од судиите кои од почетокот на годината беа разрешени од Судскиот совет.
Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, во интервју за МИА, вели дека Советот за одлучување по жалби, на чии состаноци таа не учествува, од почетокот на годината постапувал по вкупно седум предмети, од кои за шест веќе има донесено одлуки.
Во поглед на меѓународните извештаи за состојбата во судството и посочувањето за неопходна реформа претседателката на Врховниот суд вели дека во извештаите има констатации за постигнат напредок во спроведување на реформските чекори.
– Секако се согласувам дека има и области каде што состојбите треба да се подобруваат, посебно во делот на јакнење на независноста, самостојноста, со цел да обезбедиме високо професионално, чесно, непристрасно и ефикасно судење – вели Адеми.
Таа додава дека нема чуено дека постои Методологија за прочиствување на судството од страна на Министерството за правда.
– Морам да Ве разочарам бидејќи немам чуено за постоење на таква Методологија и морам да признам дека ми пречи користењето на тој термин – прочиствување на судството. Сметам дека судството има доволно сили и механизми во рамките на постоечките надлежни институции, (како што се Судскиот совет, Државната комисија за спречување на корупција, Управата за јавни приходи и слично), да ја спроведе потребната проверка на судиите, а критериумите за проверка на судиите треба да се засноваат на веќе воспоставените професионални и етички стандарди, морален интегритет, компентентност, професионалност, независнот и непристрасност – вели претседателката на Врховен.
За нарушувањето на имиџот на Врховниот суд со разрешување на двајца судии, Адеми вели дека не е пријатно да се слушне тоа.
– Работата на судиите како претставници на една од трите власти, не се следи само од страна на Судскиот совет, туку нивната работа е под постојан мориторинг од страна на најшироката јавност како што вели познатата максима – „судијата тој/таа суди додека јавноста му суди“. Затоа во вршењето на судиската функција исправени сме пред предизвикот да работиме на враќање изголемување на довербата и степенот на позитивна перцепција кај гаѓаните кон судството – вели таа.