„БЕРЕТЕ УМ, ЌЕ МУ КАЖАМ НА НАРОДОТ ШТО ПРАВИТЕ!“ Плусинфо ексклузивно открива детали за разговорите на Заев со Ковачевски и со Зечевиќ за планот за враќање на Груевски

Операцијата за враќање на Никола Груевски во Македонија, на тој начин што Врховниот суд ќе ја оживи аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, веќе е задоцнета, во овој момент правно речиси неизводлива, политички прескапа и без поддршка од меѓународниот фактор. Поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, влегол во остра конфронтација со сегашните челници на својата партија, во обид да го осуети планот на ДУИ. Ова се информациите што Плусинфо ексклузивно ги откри за овие настани.

13,447

Зоран Заев, поранешниот премиер и претседател на СДСМ, вложил силни напори да ги одвратри претседателот Димитар Ковачевски и генералниот секретар Миле Зечевиќ од намерата да учествуваат или да ја поддржат операцијата за обновување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, за да се создадат услови за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во земјата.

Операцијата ја води водството на ДУИ, на чело со Али Ахмети, но во согласност со челниците на СДСМ. Идејата, наводно, е Груевски, откако експресно ќе се врати во земјата, да оформи политичка фракција во ВМРО-ДПМНЕ и да го намали резултатот на најмоќната опозициска партија на следните парламентарни избори. Ова во ситуација кога сега, на неколку месеци пред изборите, сите анкети покажуваат убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ.






Засега не е познато дали и Груевски активно учествува во оваа операција и дали се согласил со својата ролја на човек што ќе го симне својот наследник Христијан Мицкоски од тронот во ВМРО-ДПМНЕ. Но, неспорно е дека иницијативата на адвокатот Миле Наумовски од Скопје до Врховниот суд, во која тој бара Судот да утврди начелен став и начелно правно мислење за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател Иванов, оди во прилог на бегалецот во Будимпешта.

Врховната судијка Беса Адеми јавно сведочи за политички притисоци

Врховниот суд има рок од шест месеци да расправа за иницијативата на адвокатот Наумовски, но притисоците врз Судот почнале веднаш по поднесувањето на иницијативата. Во интервју за порталот СДК, Беса Адеми, претседателката на Уставниот суд, јавно сведочи за тоа:

„Врховниот суд е под страшен политички притисок, како знае и умее да ја оживее амнестијата на Ѓорге Иванов врз непостоечки член, за да се спаси Никола Груевски, кој со измените на Кривичниот законик не е доослободен комплетно. Им треба на некои партии да дојде тука за предизборни математики, а ослободувањето може да се случи само со начелен став од Врховниот суд, од кого се бара да си го погази зборот и да порекне дека аболицијата на Иванов била незаконска“, изјави таа во интервјуто, кое предизвика голема нервоза кај авторите на планот за враќање на Груевски.

Плусинфо неофицијално дознава дека судијката Адеми се пожалила на политички притисоци и кај некои амбасадори на западни земји, по што американската амбасадорка Анџела Агелер го посети Врховниот суд и на врховните судии им даде поддршка да судат слободно, според Уставот и според законите. И додека посматрачите се обидуваа да протолкуваат што сакала да каже амбасадорката Агелер, Судскиот совет ја повика судијката Адеми на состанок, за да ги „објаснела“ своите изјави. Но, таа писмено го отфрли барањето на Судскиот совет да се појави на „сослушување“ во понеделникот на 6 ноември, објаснувајќи дека „написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството“.

Кој ја охрабрил судијката Беса Адеми вака да одговори на притисоците? Амбасадорката Агелер или можеби и некој друг?

Има ли Заев „лични интереси“ да го осуети планот за враќање на Груевски?

Добро упатен извор, близок до една од владејачките партии, на своја иницијатива, во саботата го информираше Плусинфо за очекувањето на актерите на планот на ДУИ судијката Беса Адеми да потклекне на „сослушувањето“ во Судскиот совет. Изворот тврди дека меѓународниот фактор е согласен со овој план и дека единствениот што се обидува да го минира е поранешниот премиер Заев.

„Заев тоа го прави за да ги заштити своите лични политички и бизнис интереси  и да го држи СДСМ под контрола. Тој е во комуникација со лидерот на опозицијата Мицкоски и заедно работат против иницијативата на ДУИ“, тврди нашиот извор.

Според него, Заев им се јавувал на водечки луѓе на Бихаќка и бурно реагирал на идејата за оживувањето на аболицијата на Иванов. Изворот вели дека во разговор со своите сопартијци, Заев дури и се заканувал со жесток отпор и со преземање на група од 15 пратеници на СДСМ, кои наводно се под негова контрола.

„Подгответе ми ја салата на Бихаќка, ќе одржам прес-конференција“, се заканил Заев

Плусинфо од прва рака ги провери овие наводи. Извор од СДСМ потврди дека Зоран Заев водел разговори со претседателот Димитар Ковачевски и со генералниот секретар Миле Зечевиќ. Во тие разговори Заев настапил директно и остро, обидувајќи се да им објасни дека СДСМ дошол на власт со јавното споделување на нелегалните снимки од серијалот „Вистината за Македонија“ и со жестоко спротивставување на аболицијата на претседателот Иванов.

„Со нему својствениот речник, Заев отворено и директно го прашал Ковачевски дали е свесен што прави одобрувајќи ги притисоците врз врховни судии да ја оживеат аболицијата заради враќање на Никола Груевски во земјата. Ковачевски се обидел пред Заев да се огради од таа операција, одговарајќи дека таа работа ја води ДУИ и дека СДСМ нема никаква врска со тоа“, вели нашиот извор од СДСМ.

Незадоволен од развојот на настаните, поранешниот лидер Заев разговарал и со генералниот секретар Зечевиќ.

„Во тој разговор, Заев отишол до таму што во својство на почесен претседател на партијата ја побарал салата во седиштето на СДСМ на Бихаќка за одржување прес-конференции, изразувајќи намера да одржи прес-конференција на која би ја известил јавноста што се случува. Зечевиќ реагирал вознемирено на овие најави, но не му дал на Заев конкретни одговори за тоа што се случува на Бихаќка“, вели изворот од СДСМ.

Заев нема мирно да гледа како ДУИ ја презема политичката контрола врз СДСМ

Во разговорите со Ковачевски и со Зечевиќ, поранешниот претседател Зоран Заев недвосмислено кажал дека има намера да го извести народот за планот за оживување на аболицијата и за враќање на Груевски во земјата.

„Верувајте ми, ако тоа се случи, ќе има народ на улиците. Јас ја предводев Шарената револуција и ако треба пак ќе го предводам народот да протестира против ова што го правите“, рекол Заев.

Што се однесува до тврдењата дека тој се заканувал дека контролира 15 пратеници, изворот од СДСМ тврди дека Заев во повеќе прилики јасно рекол дека нема да работи против својата партија, дека нема да контролира пратеници и дека ако има потреба да зема, ќе ги земе сите 45, а не само 15 пратеници.

„Тој е цврсто решен да истрае во оваа битка и смета дека неговите ставови се принципиелни. Јас сум убеден дека раководството на СДСМ во иднина треба да има на ум дека Заев нема мирно и од страна да гледа како раководството на неговата партија ги жртвува целите на досегашната борба и принципите, соработувајќи во иницијативите со кои ДУИ сака да оствари политичка контрола врз СДСМ и целосна власт во земјата“, вели изворот од СДСМ.

Голем срам е Груевски да го спасува СДСМ од пораз на изборите

Реакцијата на Заев несомнено значително ја „поскапела“ операцијата за враќање на Никола Груевски во земјата. Особено што таа доаѓа после еден сериозен гаф на првата неформална средба на која лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред претседателот Стево Пендаровски, пред премиерот Ковачевски и пред други лица и ја промовирал својата иницијатива за амнестија на Груевски и за негово враќање во земјата. Се зборува дека деталите од таа средба, на која присуствувале и двајца влијателни амбасадори на земји од Запад, протекле во политичките кулоари на еден несекојдневен и скандалозен начин. За своите сознанија за тој гаф, Плусинфо ќе ја извести јавноста кога ќе ги потврди деталите.

Но, реакциите во јавноста по протекувањето на првичните информации, како и сето она што се случуваше во последните неколку недели и месеци, вклучувајќи ги и вчерашните настани, веќе јасно покажуваат дека операцијата за враќање на Груевски во Македонија сега е задоцнета, во овој момент правно речиси неизводлива, политички прескапа и без поддршка од меѓународниот фактор.

„ДУИ го прави ова затоа што проценува дека може да спечали, а при тоа нема што да изгуби. Но, тоа не важи и за СДСМ. На клучни позиции и во пратеничката група на СДСМ и во Владата се луѓе кои во политиката растеа во  времето на Отпорот и на Шарената револуција, се хранеа со жестока критика врз Никола Груевски и неговата екипа и се надеваа на правда и мир. Тие луѓе не можат да ја одобрат иницијативата на ДУИ. Тоа што Ковачевски и Зечевиќ пред Заев се оградуваат од плановите на Ахмети за тие луѓе не е доволна сатисфакција. Едноставно, за нив е голем срам Груевски да го спасува СДСМ од пораз на изборите. Мислам дека Заев има многу знајни и незнајни сојузници во својот обид да ја осуети и до крај да ја растури таа операција“, тврди нашиот извор од СДСМ.

Поврзани содржини