Белопета: Врвни музичари сведочеа дека се инспирирани од акустиката на Универзална сала и од контактот со публиката

2,845

Оливер Белопета, човек по кој се препознава Скопскиот џез фестивал, во пост на Фејсбук, раскажува за магијата на Универзална сала и предлага што да се прави.

„Вообичаено – пишува тој – џез фестивалот го посетуваа драги колеги од Европа и светот кои постојано говореа дека истите концерти во Скопје биле подобри отколку на нивните фестивали. Зошто? Најпрецизниот одговор постојано доаѓаше од самите музичари. Бевме посебно инспирирани од амбиентот, велеа, од акустиката на салата и од блискиот контакт со публиката. Акустиката, со оние висечки ‘печурки’, мошне интересна приказна од средината на седумдесетите години, е дело на австриски експерти. А ‘интимниот’ контакт помеѓу музичарите и публиката го обезбедува амфитеатралниот карактер на гледалиштето“.






Не случајно античките Грци граделе амфитеатри, подоцна ги правеле и Римјаните, но во целосна кружна форма и за друга намена, ојаснува Белопета и додава:

„Скопје нема концертна сала (Универзална предолго се распаѓаше). МОБ и Филхармонија тоа не се. Тие, иако служат за се и сешто, имаат прецизна функционална намена. Скопје нема ниту вистинска летна сцена. Да, најдобро би било да добиеме нова Универзална сала, која проектно ќе води сметка за стариот амфитеатрален облик (и одвнатре и однадвор), со приближно истиот капацитет и на истата локација“.

Сепак, Белопета, поучен од, како што вели, многугодишното искуство со сега воскреснатиот „Случај Универзална“, се сомнева дека тоа ќе се случи. Како и изградбата на некаков фантазиран, далеку поскап „Мултимедијален центар“.

(Фото: Фејсбук профил на Оливер Белопета)

Поврзани содржини