Бектеши: Ваучери за домашен туризам ќе има и следната година
Министерот за економија рече дека веќе се обзбедени средства во предлог-буџетот на Министерството.
Мерката ваучери за домашен туризам ќе продолжи и следната година за што веќе се обзбедени средства во предлог-буџетот на Министерството за економија, изјави министерот за економија Крешник Бектеши во дебатната емисија „И што сега“ на МРТ.
– Мерката ќе се продолжи, но можеби тоа нема да биде во јануари, тоа би можело да биде веќе во вториот квартал, односно во април. Но, во Буџетот на Министерството за економија се предвидени средства за оваа мерка и за следната година – рече Бектеши.
Тој информира дека согласно Уредбата која што ја донесе Владата рокот за искористување на ваучерите за туризам кои ги доделивме во јули истекува на 15 декември, бидејки овие средства беа предвидени во Буџетот за 2020 година и средствата мора да бидат исплатени до 25 декември.
– Ваучерите во вредност од 6.000 денари беа неменети за граѓани со ниски приходи за поддршка на домашниот туризам, а истовремено имаше и платежни картички во вредност од 3.000 денари кои што можеше да се користат во домашните угостителски и хотелски капацитети. Досега се искористени над 46.000 ваучери, а граѓаните имаат уште еден месец да ги искористат и ги повикувам да ги искористат што помасовно се со цел на тој начин да го поддржат секторот – додаде тој.