Бектеши: Увозниците на мазут кои не им веруваат на домашните анализи можат да побараат второ мислење
Министерот за економија најави дека утре или в среда ќе бидат објавени имињата на компаниите кои имале сериозни пропусти во увозот, чувањето и продажбата на мазутот.
Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика компаниите увознички на мазут кај кои се направени контроли од институциите доколку не им веруваат на анализите направени од државната подвижна лабораторија да побараат второ мислење, односно да направат анализа во независна лабораторија.
– Секоја компанија која не се согласува со резултатите од анализите направени од мобилната државна лабораторија можат да бараат и второ мислење односно од втора независна лабораторија – рече Бектеши.
Тој најави дека утре или в среда ќе бидат објавени имињата на компаниите кај кои се утврдени неправилности при увозот на мазут кога треба да бидат завршени и сите процедури.Тој рече дека истовремено ќе бидат објавени и наодите од анализите што ги прават надлежните институции.
Бектеши убедува дека процесот е транспарентен и неселективен. Контролите се вршат кај увозот на нафтени деривати и во рамки на внатрешниот пазар за период од три години. Направени се контроли кај дел од складиштата на компаниите кои се занимаваат со продажба на мазут.
Според министерот компаниите кои не ги исполнуваат очекувањата предвидени во Правилникот можат да се соочат со одземање на лиценцата за работа или со прекршочна казна, но за тоа е надлежна Регулаторната комисија за енергетика.
Во однос на вратените цистерни од страна на Царината, Бектеши повтори дека во овој случај е утврден поголем процент на вода и прашина од дозволеното.
– Ако во Правилникот и согласно македонскиот стандард е предвидено еден процент, одредени цистерни имале над четири проценти вода. Но, не е проблемот само водата, имало надминување и на параметрите во однос на пепелот. И во внатрешниот пазар се направени контроли кај дел од складиштата кои се занинаваат со продажба на мазут. И таму се надминати некои од параметрите – рече Бектеши.
Бектеши смета дека кај Министерството за економија нема одговорност во аферата со квалитетот на мазутот бидејќи Министерството е одговорно само за подзаконските акти, но не и во делот на спроведување и вршење контрола.
– Она што можам да го кажам е дека Правилникот во делот на квалитет на течните горива е целосно усогласен со барањата на Европската енергетска заедница. Во делот на спроведувањето и вршење контрола не е надлежно Министерството за економија. Има други надлежни институции кои директно одговараат пред Владата но ние како одговорно Министерство секојдневно вршиме состаноци со цел да дојдеме до наоди каде имало пропусти. Сите информации кои ќе доставиме до надлежните институции. Министерството за економија не е јавно обвинителство – рече Бектеши