Бектеши: Сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба
Трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри - рече Бектеши.
Две уредби беа донесени од страна на Владата, а по предлог на Министерството за економија, со цел заштита на граѓаните од заразата со коронавирусот, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
– На вчерашната седница беше донесена уредба со законска сила за примена на Законот за трговија, со која се поставува ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало – продавници, самопослуги, пекари – за време на траењето на вонредната состојба. Според уредбата, сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба на влезот и во внатрешноста на објектот, со цел да се запази минимум пропишаното растојание меѓу лицата и да се обезбеди дезинфекција за раце при влез во објектот. Исто така, трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри – рече Бектеши.
Тој додаде дека ако не се почитуваат одредбите од оваа уредба, тогаш ќе следуваат глоби.
– За малите и микро трговци кои нема да ги почитуваат одредбите ќе следува казна од 500 евра до 1000 евра, а средните трговци ќе бидат казнети со 1.000 евра до 2.000 евра. Сакам да напоменам дека Државниот пазарен инспекторат ќе врши засилен надзор со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Сакам да апелирам до сите граѓани и до сите трговци да се придржуваат до мерките на Владата. Нашата цел е да ги заштитиме граѓаните и да го намалиме ширењето на коронавирусот. Уште еднаш, сакапм да го повторам бесплатниот телефонски број 191 на кој ќе можат граѓаните да пријават доколку забележат гужви и редици пред трговските центри – заклучи Бектеши.