Овие компании заработија казни поради мазутот

Кај дел од компаниите се утврдени неправилности во делот на законската обврска во чување на залихи, и правилно водење на сметководствена евиденција.

890

За седум компании се изречени прекршочни пријави и казни за нелегален увоз, складирање и продажба на мазут, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– При спроведената внатрешна контрола на царинска управа кај „РКМ“ ДООЕЛ е утврдено дека тој пријавил нафтен дериват кој не подлежи на акциза, но по контролата е утврдено дека станува збор за нафтен дериват мазут, што подлежи на акциза, и од фирмата е наплатен царински долг во вредност од над 24 илјади евра – рече министерот.






Бектеши објави кои од компаниите заработиле санкции и за што.

За „Блу технолоџи“ е констатирано дека продавала мазут ППД, и поради тоа Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на компанијата ѝ издал решение за привремена забрана за пуштање во промет на производот. За „САНС АГ“ Штип е утврдено дека произведувала мазут од отпадни гуми за кој инспекторатот констатирал дека не ги исполнува стандардите за квалитет. За оваа компанија е изречена забрана за работа и барање за одземање на Б интегрирана дозвола.

Кај „Евротим“ се утврдени отстапки од граничните вредности на увезениот мазут. Двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот. Инспекторатот зел дополнителни мостри и од нивното складиште, а анализите ќе бидат готови денеска. Изречено ѝ е решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут.

Кај пет цистерни на „Супертрејд“ утврдено е отстапување на мерките во делот на поголем дел на вода од дозволеното. Петте цистерни се вратени кај добавувачот. Извршен е уште еден инспекциски надзор, земени се три мостри, и утврдено е дека земените примероци се во согласност на правилникот.

Кај дел од компаниите се утврдени неправилности во делот на законската обврска во чување на залихи, и правилно водење на сметководствена евиденција. Притоа за седум компании се изречени прекршочни казни во висина 55.510 евра.

– За немање залихи што е законска обврска казнети се „РКМ“ ДООЕЛ, „Супертрејд“, „Евротим“, „Пертинакс“ Скопје, „ЛИ ОИЛ“ Кавадарци, „КА ОИЛ Енерџи“ Кавадарци, а за несоодветна сметководствена евиденција се казнети „БЛУ технолоџи“ и „РКМ“ ДООЕЛ. За „КА ОИЛ Енерџи“ Кавадарци утврдено е дека вршела трговија без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. За сите овие компании, веќе е информирана РКЕ, која ќе преземе мерки – рече Бектеши.

Поврзани содржини