Бектеши ќе ја почитува одлуката на Комисијата и покрај тоа што има спротивен став за отворање на угостителските објекти
Како Влада немаме донесено одлука за денот кога ќе се отворат угостителските објекти и начинот како ќе бидат отворени - рече министерот.
На денешната прес-конференција, министерот Бектеши рече дека неговиот став за отворањето на угостителските објекти е различен од предлозите на Комисијата за заразни болести, сепак ќе ја почитува нивната одлука поради тоа што таа е најповикана за тоа како треба да се штити јавното здравје.
– Како Влада немаме донесено одлука за денот кога ќе се отворат угостителските објекти и начинот како ќе бидат отворени. Имаме предлози од Комисијата за заразни болести кои во текот на оваа недела ќе се разгледаат и ќе се донесат соодветни одлуки. Јас и претходно кажав дека лично имам поразличен став од она што е предложено, но секако како Влада ќе ја поддржиме одлуката на Комисијата за заразни болести бидејќи тие се најповикани како треба да се штити здравјето на сите граѓани – рече министерот одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека предлогот е во втората фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки, кога треба да бидат отворени само терасите на угостителските објекти и тоа во десет метри квадратни да има само една маса со четири гости, но според проценките на Министерството за економија, тоа би било економски неисплатливо за дел од угостителските објекти.