Беќаровски отворено до Филипче и ДИК: Лекарите во време на пандемија не се за пред избирачки кутии!

2,734

Поранешниот директор на Токсикологија, Нико Беќаровски со отворено писмо се обратил до министерот за здравство, Венко Филипче, техничкиот премиер Оливер Спасовски и претседателот на ДИК, Оливер Дерковски со барање лекарите да не бидат во избирачките одбори.

Тој вели дека во овие најтурбулентни 4 месеци од историјата на Република Македонија, здравствените работници и полицијата беа на штитот од одбраната од невидливиот убиец.






„Да, можеби имаше и ситни или покрупни дезертери и во нашите редови, ама најголемиот дел совесно и беспрекорно ги извршуваше своите работни задачи, иако многу често и без доволно заштитна опрема на себе. Додека другите панично седеа дома, ние деноноќно војувавме и се уште војуваме. Се снаоѓавме како знаеме и умее да стигнеме до работното место, кога целиот превоз не функционираше. Имаше здравствени работници кои пешачеа и по 20 километри, само да стигнат на смена во времето на полициски час. Но, не се буневме. Со денови, недели и месеци не сме ги виделе своите најблиски, ама тоа е дел од нашата професија. И пак не се буневме! Кога стигна наредбата за забрана за докористување на ланските одмори, повторно достоинствено ја прифативме, иако бевме заморени. И пак не се буневме!“, пишува Беќаровски.

Беќаровски соопшти дека вчера добил мејл во кој ДИК одлучила повторно да ги врати во избирачките одбори.

„Во држава со преку 135.000 јавна администрација, од која најголем дел ги прележа овие четири месеци, оваа одлука е повеќе од небулозна. Во денови кога ниту со постојниот преостанат здравствен персонал не може да се обезбеди соодветна здравствена заштита, наметнувањето на оваа нова нездравствена обврска ќе претставува колапс на веќе преоптоварениот здравствен систем. Членувањето во избирачки одбори е ангажман од најмалку 5 дена. Зарем мислите дека во дадениов момент, нашето јавно здравство може да поднесе еден значаен дел од здравствените работници да е отсутен 5 дена“, прашува поранешниот директор на Токсикологија.

Тој бара веднаш да се укине оваа погрешна одлука пред да биде предоцна.

„Здравствените работници секој ден се изложени на контакти со заболени лица и опасноста да ја пренесат заразата на други е многу поголема! Местото на здравствен работник во време на пандемија е покрај болничкиот кревет а не пред кутии! Овој пат нема да ви ќутиме“, вели доктор Беќаровски.

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена истакна дека има доволна количина на заштитна опрема за сите лекари и членови на избирачките одбори кои би требало да ги спроведат изборите.

„Како што беше побарано од ДИК, ние го дадовме списокот на здравствените работници кои ќе ги спроведат изборите на сите оние луѓе кои се на домашно лекување, во изолација, и на луѓе со хронични болести за да им се олесни пристапот до гласањето“, истакна тој.

Поврзани содржини