БАВНА ПОСТАПКА ЗА БРЗАТА ПОМОШ Граѓаните ќе имаат корист од измените, нема да ги чини ништо

Претставниците на владата и на владејачкото мнозинство демантираат дека ќе дојде до приватизација на брзата помош, туку на поставување правна рамка за регулација на услугите од истата дејност кои веќе се нудат од приватните болници.

475

Измените во Законот за здравствена заштита внесе голем немир во македонската јавност.

Опозицијата обвинува дека власта има скриена намера да ја приватизира брзата помош, па ги опструираше промените на законот во Собранието со поднесување на 1.200 амандмани.






Од друга страна, претставниците на владата и на владејачкото мнозинство демантираат дека ќе дојде до приватизација на брзата помош, туку на поставување правна рамка за регулација на услугите од истата дејност кои веќе се нудат од приватните болници.

Во реакцијата од страна на владејачката СДСМ се вели дека не е ништо ново ВМРО-ДПМНЕ со помош на Левица да блокира закони кои се во интерес на граѓаните, како и овој Закон за здравствена заштита. Опозицијата го блокира Законот за здравствена заштита и лаже дека брзата помош се приватизира.

– ВМРО-ДПМНЕ и Левица повторно пред граѓаните ја покажуваат својата деструктивност и неодговорност со блокирање на измените на Законот за здравствена заштита и шират лаги дека брзата помош во јавните здравствени установи се приватизира. Измените на Законот за здравствена заштита во делот со Итна медицинска помош ќе овозможат зголемување на ресурсите на брзата помош како и законско регулирање на услугата која со години наназад ја дават приватните здравствени установи – велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека законската измена не ги изложува граѓаните на дополнителни финансиски трошоци, туку напротив амбулантните возила на итната медицинска помош на приватните здравствени установи ќе им бидат ставени на располагање на граѓаните, односно Итната помош на приватните болници, граѓаните ќе може да ја користат бесплатно.

Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека нема да има приватизација на брзата помош.

– Вие и сега имате служби за итна медицинска помош од приватни институции. Тоа се Неуромедика, Систина, Жан Митрев, Никоб коишто вршат транспорт. Ние мораме да го регулираме тоа, но овде не станува збор за никаква приватизација – вели Филипче во изјава за ТВ 24.

Тој појасни дека граѓаните нема да имаат никаков трошок што досега го немале.

– Ние сега го ставаме во закон, она што со години наназад на терен се случува. Каде е тука приватизацијата – прашува Филипче.

Министерот за здравство по состанокот на Комисијата за здравство во Собранието имал консултација со пратеничките групи на ДУИ, Левица и ВМРО-ДПМНЕ при што им ги објаснил промените. Тој додаде дека се сложиле следниот петок, во Собрание да биде организирана јавна дебата за сите измени на Законот за здравствена заштита.

Од Министерството за здравство информираат дека измените на Законот за здравствена заштита во делот со Итната помош не предвидуваат приватизација на истата туку Законот ќе овозможи да се стават во законска рамка Приватните здравствени установи кои даваат итна помош на граѓаните, тоа што веќе се случува.

– Законската измена не ги изложува граѓаните на дополнителни финансиски трошоци, туку напротив амбулантните возила на итната медицинска помош на приватните здравствени установи ќе им бидат ставени на располагање на граѓаните – велат од МЗ.

На седница на Комисијата за здравство се наоѓаат спорните измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита за кои беше објавено дека ќе бидат повлечени од собраниска процедура, ова вчера преку изјава за медиумите го истакна пратеникот Синиша Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Недостатокот на јавна расправа за вакви суштински измени кои се носат во период додека во Собранието се расправа за Буџетот за 2022 година, е јасен сигнал дека власта преку овие измени сака да обезбеди само профит за поединци кои единствено ги интересира бизнисот, а не здравјето на граѓаните. Откако здравствената фела остро се спротивстави на овие измени, беше најавено повлекување на законот, но денес гледаме дека сето тоа било само обичен блеф и дека власта се обидува законот да го истурка на мала врата – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Синиша Стојаноски.

Претходно двајцата пратеници на Левица во Собранието на Комисијата за здравство поднеле над 1.200 амандмани со цел да го спречат донесувањето на овој закон.

– Ја известуваме пошироката македонска јавност дека Левица, како идеолошки профилирана партија, застанува одлучно против внесувањето на профитната бизнис логика во јавното здравство. За нас здравјето е политичко прашање од највисок приоритет и тоа не смее да биде третирано како додаток на луксузот, кое ќе биде достапно само за богатите, а недостапно за сите останати – велат од Левица.

Инаку според предложените измени, се создаваат можности во рамки на мрежата на здравствени установи, итната медицинска и стоматолошка помош и домашното лекување, како и земањето и пресадување на делови од човековото тело заради лекување, да ја вршат и приватни здравствени установи, покрај јавните здравствени установи, со цел да воспостави поефективен систем на итна медицинска помош.

Поврзани содржини