„Баварците“ по шести пат се искачија на европскиот трон (ВИДЕО)
Баварците со шестата круна се израмнија со Ливерпул на третото место на вечната листа, па сега само Милан со седум и Реал Мадрид со 13 се пред нив кај освојувачите на трофејот.
Германскиот великан Баерн Минхен е нов европски шампион, шести пат во својата историја, откако вечерва Кингсли Коман со гол по еден час игра во финалето со ПСЖ (1-0) му ја донесе европската круна на баварскиот тим и ја продолжи доминацијата на Германците против Французите во европските финалиња.
После седум години пауза, Баерн повторно е на европскиот фудбалски трон, ама овојпат со историски потфат како прв тим во историјата кој успеал од прв до последен меч да победи на сите на патот кон „големите уши“. Баварците со шестата круна се израмнија со Ливерпул на третото место на вечната листа, па сега само Милан со седум и Реал Мадрид со 13 се пред нив кај освојувачите на трофејот.
Во суперинтересното финале, посебно во првиот дел во кој шанси се редеа како на филмска лента, ни ПСЖ, а ни Баерн не успеаа да дадат гол, но „џокерот“ на Ханси Флик, Коман го реши мечот. Коман влезе во првиот состав на местото на Иван Перишиќ и потегот на Флик се покажа како полн погодок, откако француското крило со глава го матираше Кејлор Навас по надрлане на Џошуа Кимих.
До клучниот момент, Нејмар, Килијан Мбапе, Анхел Ди Марија и Андер Ерера во првото полувреме имаа извонредни шанси за поинаков тек да добие мечот, а Роберт Левандовски еднаш погоди дирек, а Навас му одбрани одлична шанса во првите 45 минути, по што во вториот дел следеше шокот за Францизите и исчекорот на Баварците, кој се покажа како клучен. Најголемата шанса ПСЖ по примениот гол ја имаше Маркињос, но неговиот зицер го одбрани Ноер.
Баерн со освојувањето на европската круна стигна до „триплета“, откако на домашната сцена ја освои двојната круна во оваа корона-сезона.