БАШАНОВИЌ БИЛ КУЌЕН ПРИЈАТЕЛ НА ЗАЕВ И ВО ГРЦИЈА? Турбофолк менаџерот е апсен за крадење облека во САД
Зоран Башанаовиќ е избркан од владејачката СНС затоа што склучувал милионски договори во сомнителни комбинации повикувајќи се на кумството со Александар Вучиќ, обвинува Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека Башановиќ заедно со Милан Шчекиќ преку агенцијата „Ај медиа“ штанцаат соопштенија за СДСМ во кои се навредува македонскиот народ.
Зоран Башановиќ од Србија, лицето кое преку ПР агенцијата „Ај медиа“ го навредува македонскиот народ е куќен пријател на Зоран Заев во Грција, обвинува Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ на партиска прес-коференција.
Манасиевски вели дека екс-советникот земал плата од повеќе од 1.500 евра во времето на владеењето на Заев и дека „сличните луѓе си се наоѓаат едни со други“.
„Башановиќ и Милјан Шчекиќ од ‘Ај медиа’, од скопски хотел диригираат директно на Бихачка. Овие двајца се изворот на сите лаги, манипулации и невистини кои доаѓаат од СДСM и Филипче“, вели Манасиевски.
Според зборовите на Манасиевски, Зоран Башановиќ е естраден турбофолк менаџер и сопственик на телевизија во Србија, човек кој е апсен за крадење облека во САД.
„Тој е избркан од СНС затоа што склучувал милионски договори во сомнителни комбинации повикувајќи се на кумството со Александар Вучиќ“.
Според Манасиевски, станува збор за контроверзна личност, како и матна личност во областа на енергетиката.
„Зоран Башановиќ е кум на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кој не се во најдобри односи, па оттаму, Башановиќ преку Зоран Заев, Венко Филипче и СДСМ го напаѓа СНС од Србија, како и претседателот Александар Вучиќ“.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека сето ова се случува по насока на Заев, а Филипче и СДСМ говорат сè што ќе им напишат Башановиќ и Шчекиќ.
„Затоа повеќе не сме вчудоневидени од соопштенијата и прес-конференциите на СДСМ и Филипче во кои ги напаѓаат претседателот Вучиќ и владата во Србија“, тврди Манасиевски.