БАРАМЕ СУДЕЊЕ БЕЗ ОДЛОЖУВАЊА, БЕЗ ПРИТИСОЦИ, БЕЗ ПРИКРИВАЊЕ ДОКАЗИ Протестен марш во пресрет на судењето за трагедијата во Кочани
Да се слушне секој факт и да се утврди секоја одговорност, колку и да е непријатна - порачаа семејствата на загинатите во кочанската трагедија на денешниот марш во Скопје.
Повеќе од 3.000 граѓани денеска им се приклучија на родителите на загинатите млади во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на големиот Марш на ангелите што се одржа во центарот на Скопје. Настанот започна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, а заврши пред Основниот кривичен суд, симболично, таму каде што следната недела треба да започне судењето за случајот.
– Бараме судење без одложување, без притисоци, без прикривања на докази, без селективност. Да се слушне секој факт и да се утврди секоја одговорност, колку и да е непријатна – порачаа семејствата на загинатите на денешниот марш во Скопје
Маршот се одржува на четири дена пред почетокот на судењето за случајот во кој обвинети се 35 физички лица и три фирми за небрежност, злоупотреба на функцијата, или предизвикување опасност. Во поѓарот во кочанската дискотека „Пулс“ починаа 63 претежно млади луѓе, а околу 200 беа повредени.
Маршот беше во организација на граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, и е првиот од ваков вид што се одржа во главниот град, откако родителите 30 саботи по ред маршираа во Кочани.
Маршот минуваше во целосна тишина и достоинство, со транспаренти на кои пишуваше: „Нема правда – нема мир“, „63 ангели“, „Срам за институциите“, „Каде затаи системот?“.
Многумина носеа фотографии од загинатите деца, цвеќиња и бело знаме со имињата на сите 63 жртви.