БАРАМ И ЛИЧНА И КОМАНДНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ Ѓорѓиевски имал средба со инспектори од Финансиската полиција
Освен лицата кои земале плата без работа, да одговараат и оние кои ги потпишувале нивните исплати и директорите што го одобрувале таквото постапување, појасни градоначалникот на Скопје.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски имал состанок со претставници на Финансиската полиција за да се испитаат злоупотребите во градските јавни претпријатија. Во интервју за МТВ1 Ѓорѓиевски рече дека не може да открие детали во интерес на истрагата, но нагласи дека стои зад сите информации што досега ги обелодени во јавноста.
Претходно државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го повика градоначаникот на Скопје да ги пријави злоупотребите во Обвинителствот и да достави докази, доколку располага со нив.
Во настапот за МТВ1 Ѓорѓиевски потсети дека од списоците на вработени биле избришани околу 500 лица кои земале плата без да доаѓаат на работа, што, како што рече, претставува сериозно кршење на Законот за работни односи и на работната дисциплина.
– Станува збор за луѓе кои не биле ангажирани на реални работни задачи, туку им било дозволено да ја злоупотребуваат институцијата. Градот се доведе во ситуација да губи по пет милиони евра годишно, што за четири години изнесува околу 20 милиони евра – колку што чини новиот Луна Парк, кој го чекаат генерации скопјани – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот посочи дека на средбите со надлежните побарал не само индивидуална, туку и командна одговорност – односно, освен лицата кои земале плата без работа, да одговараат и оние кои ги потпишувале нивните исплати и директорите што го одобрувале таквото постапување.