Бара ли Заев ЕУ да помогне Мицкоски да се „изолира“ и на неговото место да дојде човек кој ќе биде спаринг-партнер во изборниот ринг?
Дипломатски извор неофицијално го брифираше Плусинфо дека Зоран Заев деновиве испратил писмо до европратеници и до други западни дипломати, во кое лидерот на СДСМ, во четири точки, наводно ги објаснил своите лични позиции и позициите на неговата партија во врска со претстојните парламентарни избори во Македонија.
Со оглед на тоа што немаме официјална потврда за оваа писмена комуникација, очекуваме Заев и СДСМ да се огласат со потврда, демант или со објаснување, за да се утврди фактичката состојба.
Така, според нашиот извор, во првата точка од својата депеша, Заев нагласил дека очекува „изборите да бидат прогласени за чисти“. Тоа, во принцип, не би било невообичаено барање, коментира нашиот извор, доколку изборите не се одржуваат предвремено и според Пржинскиот модел, во време на пандемија и во земја која се смета за хибриден режим, поради што е потребен засилен мониторинг на изборниот процес. Логично е оценката дали и колку изборите биле „чисти“ да се даде по нивното завршување, во зависност од тоа дали тие навистина биле фер и демократски.
Заев во депешата наводно објаснил дека „сите обврски што ги презел со Договорот за добрососедство со Бугарија и со Преспанскиот договор со Грција ќе ги реализира во целост штом ќе биде во можност да формира влада предводена од СДСМ“.
Доколку потребата од итни предвремени избори се оправдува со реализација на двата договора, вели изворот на Плусинфо, големо прашање е што значи зборот „целосна“ и зошто воопшто реализацијата на двата договора се поврзува со условот да биде формирана влада предводена од СДСМ. Дали тоа значи дека на меѓународната заедница ѝ се сугерира заклучок дека некоја друга влада во Македонија нема да ги исполни преземените обврски од меѓудржавните договори?
Делумно објаснување на оваа дилема наводно содржела третата точка од комуникацијата на Заев, во која се тврдело дека „лидерот на опозицијата е реална закана за иднината на државата и треба да се изолира и изнајде супститут во партијата”. Сакаме да веруваме дека токму овој дел од брифингот укажува на можноста депешата на Заев сепак да е лажна вест, бидејќи во спротивно, барањето на Заев да се најде нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ на местото на Христијан Мицкоски, па и наводно неговата изразена спремност да разговара за евентуални предлози за имиња, би биле предизборен скандал без преседан. Тоа би значело дека лидерот на владејачката партија бара помош од европратеници и од европски дипломати да му изберат лидер на опозицијата по негов вкус и мерка.
Во последната точка од ова писмо, наводно, Заев укажал на порастот на рејтингот на неговата партија поради коронакризата и поради сетот на владините мерки, поради што сега било вистинскиот момент за избори и за приближување до целта да формира влада.
Комуникацијата на партиските лидери од Македонија со претставници и европратеници на сестринските партии од земјите на ЕУ е вообичаена работа, но исто така вообичаена пракса е јавноста за тоа да се известува. Од страна на СДСМ и на Зоран Заев, до овој момент, јавноста не е известена дека имало ваква депеша, што остава простор за повеќезначни сомневања.
Изворот што ова го сподели со Плусинфо е кредибилен и тоа е причината поради која наводите за содржината на спорната депеша ја споделуваме со јавноста, во очекување на официјално објаснување и коментар од повеќе страни. Дотолку повеќе што изворот тврди дека оваа депеша стасала на адреса и на европратеници кои порано биле присутни на нашите простори.
Многу чудно и несекојдневно!