БАРА ЛИ СОФИЈА ГИМНАЗИЈАТА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ИМЕТО? Шефот на бугарската дипломатија вели дека Тито бил „поголем проблем“ од Цар Борис?!

„Тој, како и Захариева, не прават разлика меѓу фашизмот и антифашизмот. Сега, по нивната логика, ако сакаме да станеме членка на ЕУ, треба да ги вратиме симболите на фашизмот, да ги славиме соработниците и сојузниците на Хитлер“, коментира професорот Ѓорги Спасов.

1,238

Aко името Цар Борис Трети е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем проблем.

Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, додавајќи: „Добро е да се одмеруваат реакциите, добро е да се биде ладнокрвен, да се размислува пред да се зборува и да се решаваат работите прагматично во тоа што го обезбедува договорот за добрососедство“.






Во врска со тезите од Скопје дека РСМ нема да преговара со Бугарија, туку со ЕУ, Милков порача дека Бугарија е Европска Унија и додека преговара со ЕУ, Македонија преговара со Бугарија.

„Нашите барања се вклучени во преговарачката рамката и Бугарија во секоја фаза има можност да има свое мислење за тоа како се спроведува оваа преговарачка рамка“, изјави Милков во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека не би ја посетил Бугарија ако требало да се разговара за историски прашања.

Милков нагласи дека многу би му било жал доколку претседателот Пендаровски искажал такви мислења, „бидејќи ова доаѓа еден ден откако тој беше тука и претседателот Радев направи се што е можно преку ЕК – ако е можно ЕК да помогне бидејќи има рестриктивни прописи, но да помогнеме со некое финансирање, да може да го задоволиме барањето на РСМ за евтина струја што ја бараат од нас“.

Во очекување на евентуална реакција на Пендаровски на лекциите што на јавна сцена му ги држи министериот Милков, во јавбоста наголемо се коментира тезата дека името на гимназијата „Јосип БРоз Тито“ во Скопје е поголем проблем од името на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Професорот Ѓорги Спасов на Фејсбук коментира:

„Толку човекот разбира историја. Толку знае какви заслуги за нас Македонците имаат Царот Борис и Тито. Толку знае какви сеќавања буди кај нас политиката на нивниот Цар Обединувач и соработник на Хитлер и политиката на антифашистичкиот херој и југословенски и светски лидер Тито. А можеби и знае. Но тој, како и Захариева, не прават разлика меѓу фашизмот и антифашизмот. Сега, по нивната логика, ако сакаме да станеме членка на ЕУ, треба да ги вратиме симболите на фашизмот, да ги славиме соработниците и сојузниците на Хитлер, а да се откажеме од нашата антифашистичка борба и епопеја во име на така замислените ‘европски вредности“. И веројатно тоа така ќе се случува се додека нашата влада и министерството за правда се прогласуваат себе си за ненадлежени во спречувањето на сите видови провокации од страна на оние што се уште не се разбудиле од сонот за Санстефанска Бугарија“.

Во краткиот пост на Фејсбук, инфлуенсерот Богдан Илиевски коментира:

„Бугарскиот МНР рекол дека ако било проблем името на клубот во Охрид ‘Цар Борис Трети’, исто така било проблем гимназија да се вика Јосип Броз Тито. Па да прашам, која македонска гимназија во Бугарија е именувана Јосип Броз Тито?!“

И новинарот Миодраг Мишолиќ на Фејсбук ја коментира оваа изјава на шефот на бугарската дипломатија и вели дека треба да престанеме со глумењето „млада невеста“ пред отворените фашистички провокации од Софија.

„Прифаќањето на статусот на боксерска вреќа за бугарските историски фрустрации веќе не е конструктивно и продуктивно, туку е и деструктивно и контрапродуктивно“, пишува Мишолиќ.

Ова е статусот на професорот Спасов:

Поврзани содржини