БАРАЈЌИ УЧИЛИШТЕ ЗА ЌЕРКА МИ ЈА НАЈДОВ „НОВА“ Џули Кокс ќе раководи со Предучилишниот центар и со основното училиште

Мојата визија за „Нова“ е да го поддржам тимот во целосната имплементација на програмата за Меѓународна матура за оваа возраст (IB PYP), за да може целосно да ја заокружиме програмата од 3 до 18-годишна возраст и да бидеме првото такво училиште во Македонија.

3,255

Џули Кокс е Американка која од САД наскоро ќе се пресели во Македонија бидејќи од следната учебна година ќе биде новата директорка на Предучилишниот центар и Oсновното училиште на „Нова“. Во нејзината професионална кариера е запишана работата во повеќе училишта од целиот свет, почнувајќи од САД, Блискиот Исток, Индија, Африка, а нејзиниот најнов предизвик е мултинационалната средина во „Нова“. Со Кокс разговаравме за професионалните предизвици, визијата за образованието и за очекувањата од животот во Македонија.

Во изминатите 20 години бевте дел од повеќе меѓународни училишта во различни земји низ светот. Може ли да ни го опишете вашиот професионален бекграунд во кратки црти?






– Мојата кариера во образованието започна во Државно училиште во Сиетл како специјалист за читање. Набргу потоа, работев како одделенски наставник во четврто и петто одделение во основното училиште „Вјулендс“. Имав доволно среќа четири години да работам како специјалист за наставна програма во областа на јазици во Сиетл. Оваа работа вклучуваше обука на наставници, презентирање на сесии за обука за читање и пишување, како и работа со тимови во централната канцеларија (ревидирање на академски извештаи, имплементирање на нова наставна програма и сл.). Ми беше вистинско задоволство! Се преселив во Минесота во 1997 година и ја започнав својата кариера како администратор во државното училиште Сент Пол. По две години поминати на позицијата заменик директор, бев унапредена во директор. После пет години решив да се преселам во странство. Мојата прва позиција во странство беше како директор на Предучилишен центар и Основно училиште во Американското училиште во Аман, Јордан. Беше прекрасно да се живее на Блискиот Исток со сите негови убавини. Потоа се преселив во Мумбај, Индија, и работев во Американското училиште во Мумбај, кое исто така работи според програмата за Меѓународна матура од 3 до 12 годишна возрат (IB PYP – International Baccalaureate Primary Years Program). Сакав да живеам во Индија, бидејќи мојот зет е Индиец, а ги сакав и културата, луѓето и храната. Имам ќерка која тогаш имаше две години и поради тоа решив дека е време да се вратам во САД за да бидам поблиску до семејството. Бидејќи сакав да направам рамнотежа помеѓу работата и семејството, прифатив работа како тренер за описменување во училиште во Минеаполис. По две години од ова магично искуство, се вратив во Сиетл и ја продолжив кариерата како директор на основно училиште. По шест години, повторно добив желба за патување и одлучив уште еднаш да тргнам низ светот и да искусам нова култура/земја. Во изминатите четири години, работев како директор на Oсновното училиште во Американското меѓународно училиште во Абуџа, Нигерија. Го сакам ова искуство, луѓето и културата. И тоа ме носи во „Нова“! Барав поголемо средно училиште за ќерка ми Ава. Возбудена сум што се враќам на програмата за Меѓународна матура (IB PYP). Возбудени сме што ќе истражиме нова географска област во светот и ќе ја запознаеме македонската култура, народ, историја и храна.

Доаѓате во средина која не ви е позната досега. Зошто ја избравте токму „Нова“ за Ваш нов професионален предизвик?

– „Спознај се себеси и другите, во срцето и умот, не плашејќи се од можностите“. Мисијата на училиштето е првото нешто што ми го привлече вниманието додека истражував за „Нова“. Веб-страницата на „Нова“ зборува за создавање чувство на припадност и глас на сите членови, овозможувајќи грижлива средина и поттикнувајќи силна заедница со родителите, учениците и со вработените. Овие работи се во сржта на моите верувања. Кога разговарав со тимовите од „Нова“, тие ми ги прикажаа токму овие карактеристики. Се чувствував слушнато, ценето и добредојдено. Покрај тоа, се радувам што ќе се вратам на програмата за Meѓународна матура (IB PYP). Силно верувам во моќта на истражувањето и поддршката која им ја даваме на нашите ученици за да ја развијат љубовта кон учењето, давајќи им избор и независност.

Генерално избирате да работите во мултинационални училишни средини. Како влијаат ваквите средини врз образовниот и социјалниот развој на децата? Кои се предностите од школувањето во мултинационална средина?

– Разноликите културни средини се корисни за ученици од сите возрасти во училишната заедница. Добиваме можност да најдеме моќ во нашите разлики. Во можност сме да слушаме повеќе перспективи и да учиме едни од други. Ова создава меѓународно размислување според кое колку сме поразновидни, толку посилни ќе станеме. Сакаме нашите деца да ја искусат оваа различност од прва рака, а не само преку книга. Сакаме нашите ученици да си заминат од нашето училиште знаејќи дека светот не е толку голем и дека сите ние треба да работиме заедно за да ги решаваме глобалните прашања.

Која е Вашата визија за развојот на Предучилишниот центар и Основното училиште на „Нова“, што може да очекува заедницата на „Нова“ од вас во следниот период?  

– Основното училиште на „Нова“ е веќе силно и изградено – програмите, наставниците, асистентите и административниот тим. Се радувам на можноста да ги запознам колегите, нивните приказни, професионални квалитети, како и потреби. Мојата визија за „Нова“ е да го поддржам тимот во целосната имплементација на програмата за Меѓународна матура за оваа возраст (IB PYP), за да може целосно да ја заокружиме програмата од 3 до 18-годишна возраст и да бидеме првото такво училиште во Македонија. Дополнително, чувствувам силна желба да работам заедно со директорот на училиштето и со лидерскиот тим. Имам за цел да учам заедно со тимот на училиштето преку професионален развој и имплементација на новини. Ќе соработуваме заедно и ќе учиме едни од други. Заедницата на „Нова“ може да очекува дека неуморно ќе работам на применување на мисијата, визијата и главните вредности на училиштето. Вработените во „Нова“ можат да очекуваат дека ќе ја почитувам досегашната работа, секогаш ќе бидам фокусирана на она што е најдобро за децата и ќе се однесувам кон сите со почит и достоинство. Постојано ќе ја ревидираме и развиваме нашата работа и нашите програми, ќе ги истражуваме податоците за учениците и ќе правиме промени по потреба со цел да ја оддржиме нашата посебност.

Какви се Вашите очекувања од животот и работата во Македонија?

– Ќерка ми и јас едвај чекаме да се преселиме во Македонија. Гледавме многу видеа од патувања во Македонија, сакаме да запознаваме нови култури и луѓе. Патувањето и истражувањето е нашиот омилен начин да го поминеме времето и има толку многу авантури што треба да се доживеат во Источна Европа. Со нетрпение очекуваме да живееме во земја со четири годишни времиња. Ава, ќерка ми, можеби ќе почне да скија. Во моментов живееме на локација со топла, песочна клима. Сакаме да пешачиме, да возиме велосипед и да ја истражуваме локалната кујна. Наша цел е да имаме избалансиран начин на живот и да го поддржиме таквиот животен стил и кај нашите колеги. Ги одбројуваме деновите до нашето пристигнување во јули.

Поврзани содржини