БАРАЊЕТО НА ГРУЕВСКИ Е ОДБИЕНО Врховниот суд донесе пресуда за предметот „Плацеви на Водно“
Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје и пресудата на Апелациониот суд Скопје, го одби како неосновано, наведено е во соопштението на Врховниот суд.
Врховниот суд денеска донесе пресуда за предметот познат во јавноста како „Плацеви на Водно“, а тоа е дека барањето на осудениот поранешен премиер Никола Груевски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд и пресудата на Апелациониот суд го одби како неосновано.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 20.12.2023 година одлучуваше по поднесено Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2-бр.16/23 познат во јавноста како ‘Плацеви на Водно’. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.127/22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано“, наведено е во соопштението.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.
По објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“ за спорна набавка на службено возило „мерцедес“ во 2018 година, Груевски побегна во Унгарија каде што доби азил.
За поранешниот македонски премиер е распишана меѓународна потерница.