БАНКИТЕ СЕ СИГУРНИ, НЕМААТ РУСКИ И УКРАИНСКИ КАПИТАЛ Денарот е стабилен, а девизните резерви се во сигурна зона

Советот на Народна банка констатира дека заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено и да овозможи поддршка на економијата.

271

Со оглед на малата поврзаност на нашата економија со економиите на Русија и Украина, не се очекуваат директни последици, но можни се индиректни. Најновите случувања влијаат особено на глобалните пазари на енергенси и храна, што заедно со сè поголемата неизвесност може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија, оценува советот на Народната банка откако ги разгледа последните макроекономски показатели и случувањата во Украина и нивното влијани врз нашата економија.

Како што соопштија од Народна банка, оценето е дека заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено и да овозможи поддршка на економијата.






„Руски или украински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем“, се вели во соопштението.

Советот констатира дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута.

На седницата беше констатирано дека треба да се продолжи со внимателно следење на ситуацијата, која се менува од час во час.

Советот разгледа и други точки поврзани со редовното работење на Народната банка. Советот ги разгледа и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2021 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија.

„Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување“, наведуваат од Централната банка.

Поврзани содржини