БАНКИТЕ ПРОФИТИРААТ ОД ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ И БИЗНИСИТЕ Славески очекува тие да имаат правичен однос кон граѓаните
Вчера на прес-конференција гувернерот меѓу другото,се осврна и на платежната сметка со основни функции, која според него треба да стане навистина функционална и достапна за пошироката јавност.
„Банките се чувари на нашите плати, пензии, примањата по други основи, како и на нашите заштеди. Воедно, ние сме и нивни кредитори,“ напиша гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во објава на социјалната мрежа „X”.
Тој појаснува дека банките, позајмувајќи средства од граѓаните и претпријатијата – најчесто со нула или минимален трошок – обезбедуваат значителен обем на средства за одржување на својата ликвидност.
„Затоа, правичен однос кон граѓаните и фирмите во платниот промет е минимумот што го очекуваме,“ пишува Славески.
Вчера на прес-конференција гувернерот се осврна и на платежната сметка со основни функции, која според него треба да стане навистина функционална и достапна за пошироката јавност.
Со предлог-измените на Народната банка, граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство, дебитна картичка, подигнување готовина и електронски трансакции за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории – бесплатно.
-Само 140 граѓани досега ја користат платежната сметка со основни функции, а причината се ограничувањата. Затоа, Народната банка предлага законски измени кои ќе ја направат оваа сметка достапна, практична и исплатлива за илјадници луѓе во земјата – вели Славески.
Меѓу новините е можноста граѓаните да користат дозволено пречекорување преку платежната сметка со основни функции, како и да ја отворат без да ги затворат постојните сметки во други банки.
-Целта е јасна – вистинска финансиска вклученост за сите, порача гувернерот Славески.