БАНКИТЕ ПРИМЕНУВААТ НАЈНОВИ ТЕХНОЛОГИИ ЗА ЗАШТИТА ОД КИБЕРНАПАДИ Но дали ние знаеме да ги препознаеме ризиците?

Супервизорот на Народна банка горан Јанкоски смета дека банките применуваат голем број заштитни механизми со кои обезбедува соодветна заштита, но препорачува и граѓаните да бидат крајно внимателни, како корисници на финансиските услуги, за да можат да ги препознаат ризиците од кибернападите, коишто во изминатиот период се зачестени.

129

Главниот одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка Горан Јанкоски тврди дека домашниот банкарски сектор активно ги употребува најновите финансиски технологии за унапредување на своето работење, а  голем дел од новите технологии наоѓаат примена и во јакнењето на кибербезбедноста, но смета дека и граѓаните треба да бидат внимателни со сомнителните пораки.

-Во делот на новите технологии, домашните банки применуваат напредни системи за анализа на платните трансакции за откривање измама, засновани на вештачка интелигенција. Овие системи придонесуваат за натамошно зајакнување на безбедноста на платежните трансакции, со тоа што ќе може да препознаат невообичаена трансакција,  невообичаен трговец, невообичаен уред, време, држава и слично, од каде што се изведува трансакцијата, при што ќе се бара дополнителна автентикација од клиентот – изјави Јанкоски во интервју за МТВ.






Според него, примената на новите технологии треба да се одвива во согласност со законските прописи, анализата на ризиците од користењето на новата технологија и едукацијата на корисниците за начинот на нејзиното користење

Јанкоски смета дека банките применуваат голем број заштитни механизми со кои обезбедува соодветна заштита, но препорачува и граѓаните да бидат крајно внимателни, како корисници на финансиските услуги, за да можат да ги препознаат ризиците од кибернападите, коишто во изминатиот период се зачестени.

-Народната банка постојано обезбедува финансиска едукација преку која ги информира граѓаните за тоа како да ги препознаат ризиците од кибернападите, како што е измамата преку сомнителни пораки (фишинг). Канали преку кои доаѓаат сомнителните пораки се електронско сандаче, СМС, вибер-пораки, спонзорирани објави на социјалните мрежи и директни телефонски јавувања до клиентите. Најчесто, пораките доаѓаат од непознат број или адреса, а нивната содржина предизвикува потреба од итност во реакцијата. Во такви случаи препорачуваме граѓаните да комуницираат со банките исклучиво преку официјалните канали за комуникација и да ги следат советите на банките и на надлежните институции – вели Јанкоски.

Јанкоски додава дека Народната банка има посебна организациска единица која ги следи новите трендови на кибербезбесност и регулатива за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор, којашто е во согласност со најдобрите практики на Европската централна банка и Европскиот банкарски орган. Со оглед на брзиот технолошки развој и дигитализацијата, централната банка постојано ги следи најновите трендови за јакнење на свесноста од ризиците и врши надополнување на регулативата и засилени теренски контроли.

 

Поврзани содржини