БАНКАРСКИОТ СИСТЕМ НИ Е КАКО КУЛА ОД КАРТИ!? Словенечки експерт предупредува на опасна банкарска шема во Македонија
Во тој систем имало седум банки, 45 компании и едно физичко лице кое било активно во шемата НБРМ и другите институциите во Македонија знаат за ова, но молчат - обвини меѓународниот експерт Драго Кос.
Еуростандард банка е само една алка со синџирот организиран банкаски криминал со незаконско финансирање од банки кон компании, а Народната банка и институциите во Македонија знаат, обвини меѓународниот експерт за организиран криминал Драго Кос, при презентацијата на извештајот за стечајот во Еуростандард банка, изработен по барање на Трифун Костовски, сопственик на банката.
– Во Македонија од 2004 до 2020 е поставен систем за незаконско финансирање од банките. Во еден од случаите, банката А дава кредит на фирма од 500.000 евра и тој кредит истиот ден отишол во банката Б, па оттаму истиот кредит со позајмица во друга фирма, па во друга банка, а еден ден подоцна, кредитот се враќа во банката А. Банките одредувале каде компаниите ќе даваат позајмици. Од овој систем заработувале банките. Во тој систем имало седум банки, 45 компании и едно физичко лице кое било активно во шемата – рече Кос.
Извештајот покажал дека 54 трансакции меѓу компаниите не биле покриени со договори, што е доказ за незаконско банкарско работење.
Шемата, според Кос, функционирала на таков начин што одредена банка идентификувала компании коишто се подготвени да ги отстапат своите деловни сметки, на кои банката потоа им исплаќала одредени износи врз основа на фиктивни договори за кредит, а потоа истите компании формално им ги позајмувале тие износи на други компании, исклучиво по избор и во организација на банката. На сличен начин, потоа овие средства и се враќале на банката. На тој начин, банката остварувала придобивка од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите коишто вршеле улога на пренесувачи на незаконски стекнати пари, односно конвертирање кредити во заеми, поради исклучителниот обем на шемата којшто не дозволувал можност за вршење контрола, вообичаено претрпувале сериозни загуби.
– Ниту една од компаниите вклучени во оваа шема не била целосно запознаена со ова, бидејќи во неа учествувале многу банки и компании чиишто претставници, и покрај големите готовински трансакции, честопати воопшто не се ни познавале. Ниту една од овие компании не можела да води евиденција на сите плаќања, бидејќи тие едноставно не знаеле за нив, особено доколку парите се пренесувале преку други компании и преку други, а не нивните, комерцијални банки. Само банките, барем во првичните фази, можеле да го следат текот на овој процес на кредитирање и позајмување, а откако се развила шемата, дури и тие почнале да губат контрола над тоа кој кому платил и кој кому должи, се наведува во извештајот.
– НБРМ не сакала да ја запише формално оваа банкарска шема, а контролите на банката ги покажале овие шеми, но го избегнала вистинскиот проблем и не преземала ништо освен во случајот со Еуростандард банка. НРБМ постојано барала докапитализација, а не ја барала вистинската причина на проблемот и тоа резултирало со стечај на Еуростандард банка. Се поставува прашањето зошто во август 2021 година се прогласил стечај иако на тоа имала законско право? Управата работела добро, имало и нов инвеститор, не знам зошто тоа се случило баш тогаш, но последиците од одлуката ги знаеме. Ова не значи дека оваа шема не постои во други банки – рече Кос.
Според експертите, грешките на Народна банка ќе останат неоткриени оти никој не сака да копа по нив, а најмалку државните институции.
– Многу институции знаеле за овие банкарски шеми, знаеле сите, но никој не сакал да се впушти во истражување на случајот. Оваа шема ќе падне, но што подоцна ќе биде, тоа ќе биде поголем број на банки кои тоа ќе ги повлече со себе. Финансиските последици може да бидат катастрофални за сите – изјави словенечкиот експерт Кос.