БАНКАРСКИОТ СЕКТОР Е ПООТПОРЕН ОД ПРЕД ПАНДЕМИЈАТА Но, треба да се следи ризикот од силниот кредитен раст и растот на цените на недвижностите
Стапката на адекватност на капиталот во регионот сега изнесува 20,7%, наспроти ниво од под 19% пред пандемијата, додека учеството на нефункционалните кредити е намалено на 2,5%, во однос на околу 6% пред кризата
Банкарскиот систем во регионот е со значително подобрени показатели и поголема отпорност во споредба со периодот пред пандемијата, но силниот кредитен раст и растот на цените на недвижностите наметнуваат засилена претпазливост и потребно е постојано следење на ризиците, изјави вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска на состанокот на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа во Сараево.
– Стапката на адекватност на капиталот во регионот сега изнесува 20,7%, наспроти ниво од под 19% пред пандемијата, додека учеството на нефункционалните кредити е намалено на 2,5%, во однос на околу 6% пред кризата- рече Митреска.
Таа нагласи дека и покрај солидната состојба на банкарскиот сектор, светското окружување и натаму е исклучително неизвесно, особено поради геополитичките тензии и нарушувањата на светските синџири на снабдување, коишто можат да влијаат врз економскиот раст, инфлацијата и финансиските услови.
Покрај ова, беше посочено дека кредитниот раст во регионот достигнува околу 14% во 2025 година, што е највисока стапка во последната деценија, при што растот на станбеното кредитирање е проследен и со значително зголемување на цените на недвижностите, коишто се повисоки за околу 80%, во просек, во изминатите 5 години.
Митреска истакна дека, во вакви услови, и натаму се најважни редовното следење на квалитетот на кредитното портфолио, спроведувањето стрес-тестови и употребата на макропрудентни мерки, доколку биде потребно.
На состанокот учествуваат претставници на Европската централна банка и на централните банки од регионот на Централна и Источна Европа, кои разговараат за економските изгледи, инфлацијата, финансиската стабилност, монетарната политика, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.