Банкарите не ја даваат гувернерката и бараат да се зачува независноста на Народната банка
Од МБА очекуваат со Народната банка и понатаму да ја продолжат досегашната успешна соработка за одржување на стабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем, стабилен курс на денарот, задоволување на потреби на стопанството и населението за банкарски услуги и успешно справување со предизвиците предизвикани од здравствената криза.
Независноста на Народната банка, во ниту еден момент не треба на ниту еден начин да биде доведена во прашање бидејќи е клучна за одржување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, финансиската и севкупната макроекономска стабилнос, смета Македонската банкарска асоцијација (МБА) која реагира на одредени информации во медиумите во кои се наведува дека при формирањето на влада се размислува и за нов гувернер на Централната банка.
– Независната и високопрофесионална централна банка е клучен двигател во чекорењето на нашата земја кон ЕУ и воопшто во меѓународните интегративни процеси на нашата економија. Силната и независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството – велат од МБА.
Од банкарската асоцијација додаваат дека се задоволни од гувернерката и тимот на Народната банка, кои во изминатиот период со соодветни и навремени мерки и измени во регулативата им дадоа поддршка на банките, а преку нив и на населението и стопанските субјекти, во надминување на проблемите предизвикани од пандемијата
МБА очекува со Народната банка и понатаму да ја продолжат досегашната успешна соработка за одржување на стабилноста и ефикасноста на банкарскиот систем, стабилен курс на денарот, задоволување на потреби на стопанството и населението за банкарски услуги и успешно справување со предизвиците предизвикани од здравствената криза.