БАНДАТА НА КРМЗОВ СЕ НАКРМИЛА СО 94,3 МИЛИОНИ ЕВРА УКРАДЕНИ ОД ДРЖАВАТА Копаш, копаш и нема дно, вели државниот обвинител Коцевски

„Главата“ на бандата, бизнисменот Крмзов од вчера е во 30-дневен притвор, а за останатите 22 осомничени струмичани ОЈО ГОКК бара мерки за обезбедување. Тие се товарат дека со лажни договори за купопродажба на имот и со други малверзавии ја оштетиле државата за неверојатни 94,3 милиони евра.

7,596

Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и неговата банда, организирани како злосторничко здружување, и 15 правни лица, во периодот од 2019 до 2024 година ја оштетиле државата за 94,3 милиони евра, од кои 30 милиони евра директно ги украле од државата со исплатен поврат на ДДВ за кој приложувале лажни фактури и договори! Во дел од тие лажни документи имало меѓусебни незаверени купопродажни договори на недвижен имот, при што квадрат деловен простор се продавал и за 20.000 евра, без да мине ниту денар преку банкарски сметки, но Управата за јавни приходи тоа го прифаќала за реално и им исплаќала милионски суми на име поврат на ДДВ! Засега, за овозможување на оваа неверојатна имотна корист на штета на народот, од УЈП се осомничени само 8 локални даночници, а за нив ќе се води скратена кривична постапка. Истрагата може да се прошири.

Епски криминал во кој државата е оштетена за 94,3 милиони евра 






„Главата“ на бандата, бизнисменот Крмзов од вчера е во 30-дневен притвор, а за останатите 22 осомничени Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бара соодветни мерки за обезбедување или заострување на претходно изречените мерки.

Денеска во ОЈО ГОКК предметната обвинителка Верица Бержецка Крстева, шефот на ОЈО ГОКК Ислам Абази и државниот обвинител Љупчо Коцевски на брифинг ги соопштија деталите од досегашната предистрага.

– Имаме 23 осомничени физички лица и 15 правни лица за кривичните дела Злосторничко здружување, Даночна измама, Перење пари и Несовесно работење во службата. Вкупната штета за државата е 90 милиони евра. По анализата на обемната документација и степенот на сторување, за дел од обвинетите побаравме притвор, за дел други мерки за обезбедување – рече обвинителот Абази.

МВР вчера соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, Управата за финансиска полиција и УЈП, поднеле кривична пријава до ОЈО ГООКК против Р.К.(56), З.К.В.(30) и В.П.(29) поради основи на сомнение за Злосторничко здружување, Перење пари и Даночна измама. Против Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), К.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59) е поднесена пријава за Злосторничко здружување и Даночна измама, а С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66) се пријавени за Несовесно работење во службата. Исто, против 15 правни лица се поднесени кривични за Перење пари и за Даночна измама. Сите осомничени физички и правни лица се од Струмица. Злосторничкото здружување го направиле Р.К., З.К. и В.П. во 2019 година, па им се приклучиле и останатите, меѓу кои седуммина се управители на пријавените правни лица, 9 лица се инспектори од УЈП, а четворица се овластени сметководители и сите имале цел да остварат нелегален профит за себе, соопшти полицијата.

Наредбата за истрага има 150 страници

Предметната обвинителка Бержецка Крстева денеска брифираше дека предистрагата за случајот почна во септември 2024 година, нестандардно, со претреси, но дека без одземање на целата документација од 15-те правни лица и од 2 сметководстевни фирми не можело да се стигне до наводите што биле опфатени во предистрагата. Предметот е многу обемен, додаде таа, а наредбата за истрагата е напишана на 150 страници. На осомничените им се ставаат на товар голем број на дејствија кои се сведуваат на класична даночна измама со која дошле до голема имотна корист.

– Првоосомничениот е сопственик на едно од осомничените правни лица, дел од неговите роднини се управители во другите правни лица. Осомничени се и 8 даночни инспектори кои вршеле контроли и ги прифаќале лажните документи како вистинити, со што им овозможувале побрза исплата на ДДВ, а добиените пари тие брзо ги пуштале во промет. Собрана е обемна документација, се работи за фирми кои постојат над 30 години. Тешко е да се сфати целосно начинот на оперирање и поврзаноста затоа што користеле лажна документација, а без да се затрупа предметот со непотребни дејствија кои водат до пониски износи, па одевме на моментите со кое е нанесена најголема штета. Со добиениот поврат прикажувале кредитна способност, земале кредити, исплаќале плати, граделе згради… Досега во државата не се водени многу постапки за делото Даночка измама, а сè што им е ставено на товар е постигнато со лажна документација на поврзаните лица – рече обвинителката Бержецка Крстева.

Квадрат си продавале од 4.000 до 20.000 евра

Незаконски прибавените средства и корист и начинот на сторување на делата опфаќа три начини, додаде таа, но, истрагата може да се проширува и на нови лица и нов временски период.

– Еден од начините е со фиктивни договори за купување недвижен имот, деловни простори во Струмица меѓу правните лица, при што, без да се спроведат во Катастар, ист простор по неколку пати се препродавал од едно на друго правно лице. Правните лица како влезен ДДВ пријавувале износи од 20 милиони до 125 милиони денари, тие суми се претставувани како влог на фирмите и со тоа се вршел поврат на ДДВ. Потоа си го делеле тој поврат меѓусебно. Освен купопродажните договори, втор начин на незаконско прибавување пари, но во помал дел е со консигнации, со прикажано уништување на градежна механизација, на машини, иако тие фирми немале ниту соодветни депонии ниту капацитет за уништување такви материјали. Исто, во УЈП пријавувале кусок на пари и слично. Се работи за добро организиран систем – рече обвинителката.

Најголемите износи ги добиле со лажните купопродажни договори, при што за метар квадратен ставале суми од 4.000 до 20.000 квадрат. Освен со исплата на ДДВ, стекнувале противправна корист и со користење на даночни гаранти, додека тоа постоеше како законска можност, односно со преземање долгови, иако меѓу правните лица не постоела должничко-доверителна обврска или со репрограмирање долгови.

– За осомничените сметководители и за управителите на правните лица, меѓу другите, се побарани мерки за забрана за поднесување на такви даночни пријави. За службените лица од УЈП ќе одиме со помала квалификација, пропуштање на надзор. Тие не се опфатени со истрагата, но за секој од нив е наведена сума за која ќе биде барано солидарно да одговараат – рече обвинителката.

Во „игра“ ставиле и фиктивни државјани на Косово

Верица Бержецка Крстева истакна дека и за овој случај имале потешкотиии со прибавување докази и со соработката со државните органи.

– Неколку фирми, исто така, се отуѓени на фиктивни државјани од Косово, тоа е познат начин. Нивните податоци се користени за понатамошни дејствија. Употребени се и овластени сметководители чии лиценци се поднесувани во завршни сметки. Тоа можеше порано да се прави, а сега мора од Централниот регистар да се бара дозвола да се користи лиценцата за завршни сметки – рече таа.

Обвинителката додаде и дека е замрзнат имотот на неколку правни лица кои располагале со неопроварени имот во Струмица и во Дојран, возила и машини, а впишана е и забрана за отуѓување. За поголем дел од недвижниот имот на правните лица имало хипотеки, а ОЈО ГОКК во банките побарале хипотеки од втор ред. Но, посочи таа, тоа не е доволно за да се покрие украденото од државата. Физичките лица немале имот.

На новинарско прашање таа рече дека за осомничените инспектори од УЈП засега нема докази дека примале мито.

– Тие се сомничат за несовесно работење. Дел од нив се во пензија, дел се со забрана за вршење инспекциски надзор. Инаку, додека ние ја анализиравме документацијата, осомничените продаваа имот, изготвуваа договори за поткрепа, за прикривање итн. – рече обвинителката.

На новинарско прашање  дека сите договори се правени кај еден нотар и кај една адвокатка и тие беше одговорено дека засега тие не се опфатени во истрагата.

Системска слабост, ама и во УЈП морале да знаат

На друго новинарско прашање како почнал предметот, обвинителката појасни дека УЈП имала постпаки со конкретните правни лица.

– Иницијативата била на УЈП, кои имале сомневања за огромниот поврат на ДДВ за фирми кои реално немаат толку приход. Три фирми реално работат, а со целото нивно движење на парите, кредитите и повратот на ДДВ се исплаќани плати, се плаќале комуналии за изградба на згради, се плаќале реални фактури и побарувања. Поголемите износи се полесно докажливи. Во врска со делото Перење пари, исплатените износи кои ги добиле со лажните фактури, правните лица по неколку пати ги вртеле меѓу себе. Се мешале средства, се барале кредити, со дел од парите се градени згради, има и позајмици, се купувала роба од Кина и од Турција – рече предметната обвинителка.

На прашање како е можно да се дозволи да се украдат толку пати на државата, дали се работи за слабости во системот или некој од системот им го овозможил тоа, обвинителката одговори:

– Слабост на системот е сигурно, но и УЈП вршеле контроли и не е можно до толку да не се знаело. Осомничените си почнале со помали договори, а кога виделе дека шемата им функционира, ги зголемувале сумите.

Таа објасни дека повратот на ДДВ што го добиле со измама е вкупно 1,8 милијарда денари, односно 30 милиони евра кеш. Од институтот даночни гаранти успеале да приберат речиси половина милијарда денари, односно 7,5 милиони евра.

Ќе си лежат по најмалку 4 години

На осомничените за даночната измама им се става на товар дека таа е во износ од над 250 исплатени просечни плати, за што според Кривичниот законик им следува над 4 години затвор.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски на брифингот рече дека за овој предмет добиле бројни критики, особено за мерките за обезбедување што ги барале.

– Имавме критики зошто не е определен притвор, особено што беше речено дека ЈО има 2 камиона со докази за предметот. Но, тоа тогаш беше предистрага и нема притвор. Мерката притвор не е казна, тоа е најстрога мерка за обезбедување присутност и гарант за непречено спроведување истрага. Во 2024 година притвор е предложен за околу 3,1 отсто од истрагите. Притворот само го ограничува времето за собирање на докази и затоа апелирам да се остави на ЈО да процени кои мерки ќе ги предложи до Судот. Основите за мерките ЈО внимателно ги цени. Сега кога предметот е во истрага и кога обемот на докази е голем, нормално е тие мерки да се ревидираат – рече Коцевски.

Пописот на одземени документи има 2.000 страници

Тој додаде и дека за овој предмет имаат 2.000 страници само како попис на сите одземени документи и дека ова е еден од најобемните предмети од економски криминал.

– Копаш, копаш, и нема дно – рече Коцевски.

Од полицијата вчера соопштија дека за остварување на своите цели организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив и давале инструкции за постапување. Дел од членовите на злосторничката банда само биле фиктивно запишани основачи или како управители.

„Организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти, во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП“, наведоа од МВР.

Поврзани содржини