„БАЛТИЧКИТЕ ЗЕМЈИ И ПОЛСКА САМИ ЌЕ ИСПРАТАТ СИЛИ“ Еве од што се плашат Шолц и Бајден, според германски „Шпигел“

Во тој случај, балтичките земји и Полска не би ги чекале руските сили да бидат распоредени на нивните граници, предупредија балтичките политичари, тие самите ќе испратат сили во Украина, а јасно е што тоа би значело – НАТО би станал учесник во војната, се вели во написот на „Шпигел“.

2,744

Балтичките држави стравуваат дека токму западната политика на воздржување од одлучувачки потези може да предизвика дополнителна ескалација. Германски „Шпигел“ пишува дека тие не исклучуваат испраќање свои војници во Украина доколку Русија постигне значителни успеси на бојното поле.

Според весникот, балтичките парламентарци ги предупредиле претставниците на германската влада за последиците од политиката на Берлин кон Украина.






Германија одбива да ја снабди украинската војска со проектили со долг дострел Таурус и не сака ни да слушне за испраќање војници.

Политиката „половина срце“ ќе предизвика ескалација

Додека германскиот канцелар Олаф Шолц упорно предупредува на можноста за ескалација на војната и ја фали германската и американската воздржаност, источноевропските членки на НАТО кои се на „првата линија“ против Русија стравуваат дека токму оваа политика може да предизвика дополнителна ескалација.

„Тие тврдат дека ако Русите успеат да направат стратешки пробив на истокот на Украина, бидејќи Западот само со половина срце му помага на Киев, ситуацијата може драматично да ескалира. Во тој случај, балтичките земји и Полска не би ги чекале руските сили да бидат распоредени на нивните граници, предупредија балтичките политичари, тие самите ќе испратат сили во Украина, а јасно е што тоа би значело – НАТО би станал учесник во војната “, се вели во написот на „Шпигел“.

фото: МИА

Од што се плашат Шолц и Бајден?

Весникот наведува дека Шолц и американскиот претседател Џо Бајден се плашат токму од ова сценарио.

„Оние кои сакаат да ја ограничат војната со прекумерно задржување, всушност ризикуваат таа да излезе од контрола“, предупредуваат германските медиуми.

За разлика од Шолц, некои од најважните членови на германската коалициска влада повикуваат на дополнителна помош во оружје за Украина во време што може да претставува одлучувачка фаза од војната. Тука се Аналена Бербок и Роберт Хабек.

Во меѓувреме Шолц продолжува да ја брани својата позиција.

– И повторно и повторно има такви кои велат: треба да го правиш ова и треба да го правиш тоа! Нема никаква причина за тоа или за нешто што нема смисла! – изјавил тој во Карлсруе пред бројни воени експерти и потоа заклучил:

– Ние не сакаме и нема да станеме страна во војната.

Макрон и Зеленски се „за“?

Францускиот претседател Емануел Макрон прв зборуваше за можноста за испраќање западни воени сили во Украина, но само балтичките земји и Полска ја поддржаа неговата идеја, додека другите земји од НАТО, вклучително и Германија, остро ја критикуваа изјавата на францускиот лидер. Неодамна „Њујорк тајмс “објави дека НАТО ја разгледува можноста да испрати воени инструктори во Украина за да ги обучуваат украинските војници. Во моментов силите на НАТО обучуваат украински војници во странство.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски ја изрази идејата за распоредување на инструктори на НАТО во Украина. Како и некои западни поддржувачи на идејата, тој објасни дека тоа може да ја забрза обуката на украинските сили бидејќи војниците нема да мора да се испраќаат во Полска, Германија или Британија.

НАТО да не се плаши, вели естонската премиерка

Кога станува збор за балтичките земји, во средината на мај Мадис Рол, советник за национална безбедност на естонскиот претседател, изјави за Breaking Defense дека неговата влада „сериозно“ разговара за испраќање сили во Украина. Тие наводно би биле подалеку од линијата на фронтот и би ги ослободиле украинските сили од неборбени улоги.

Од друга страна, естонската премиерка Каја Калас пред неколку дена изјави дека испраќањето западни воени експерти за обука на украинската армија на украинска територија нема да да го вовлече НАТО во војна против Русија, односно западните лидери не треба да се плашат да се спротивстават Русија и дека не треба да се плашат од сопствената моќ.

Ѕид од дронови од Полска до Норвешка

Во меѓувреме, членовите од северот на Европа не мируваат кога станува збор за подготовките за безбедносни закани. Полска, Финска, Норвешка и балтичките земји постигнаа договор за создавање „ѕид на дронови“ за заштита на нивните граници со помош на дронови.

Новиот план го објави во петокот Агне Билотаите, министерката за внатрешни работи на Литванија, објаснувајќи дека ѕидот на дронови ќе се протега од Норвешка до Полска за да се заштити од провокации на непријателските земји и да се спречи шверцот.

Поврзани содржини