Балканот во паника: Во Бугарија прогласена вонредна состојба поради Ковид-19
Бугарија, Романија, Србија, Турција и многу други земји се справуваат како знаат и умеат. Во Турција ќе се експериментира со онлајн настава.
Бугарскиот Парламент едногласно одлучи да биде прогласена вонредна состојба во земјата до 13 април, за да се спречи ширењето на новиот коронавирус, откако бројот на потврдени случаи се искачи на 23. За време на вонредната состојба, патувањето до и од земји со голем процент на заразени ќе биде забрането, училиштата и универзитетите ќе бидат затворени, а на полицијата ќе и биде дозволено да интервенира за да ги изолира заразените лица.
Вршителот на должноста романски премиер Лудовик Орбан денеска соопшти дека заминува во самоизолација, бидејќи бил во контакт со сенаторот Вергил Читаку, кој бил позитивен на коронавирус. Орбан додаде дека сите членови на Постојаното национално биро на Национално-либералната партија ќе бидат во самоизолација во своите домови.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и германската канцеларка Ангела Меркел се согласија во понеделник да одржат „видео состанок“. Како што јави допсникот на МИА од Белград, Вучиќ и Меркел требаше во понеделник да се состанат во Берлин, но заеднички се договорија да разговараат преку конференциска врска заради општата состојба со коронавирусот. Вучиќ најави дека Србија како земја кандидат ќе побара помош од ЕУ за борбата против новиот вирус.
Основните и средните училишта во Турција ќе бидат затворени две недели, а образованието на децата ќе продолжи преку онлајн настава, како дел од мерките на претпазливост што ги презема Турција против новиот вид на коронавирус, соопшти турскиот министер за образование Зија Селчук, јави Анадолија.
– Со системот за онлајн настава, кој ќе биде бесплатен и претставен од националното Министерство за образование, Турција е подготвена да стане земја-модел со телевизиска и интернет наставна програма и план, подготвен за првпат во светот на национално ниво – изјави Селчук пред новинарите и додаде дека сите мобилни оператори ќе обезбедат три гигабајти бесплатен интернет за учениците со цел да ја користат онлајн услугата на Министерството.
Во поширокиот регион, Словачка ги затвори копнените граници како дел од мерките за спречување на ширењето на новиот коронавирус, со што се суспендирани нормалните правила на Шенген зоната. Словачка од денеска наутро воведува проверки на граничните премини на сообраќајот од сите соседни земји, освен од Полска. Патниците кои не можат да докажат за престој во земјата или да покажат валиден словачки пасош, ќе бидат вратени назад, потврди портпаролот на Министерството за внатрешни работи. По затворањето на своите аеродроми на почетокот од оваа недела, Словачка ги прекина меѓународните железнички и автобуски врски со сите шест свои соседи, од кои четири припаѓаат на Шенген зоната.