БАЛЕТАНОТ МАРИН ЦРВЕНОВ Е ДОБИТНИК НА МЕНАДА 2024 Креирал незаборавни дуети со повеќе генерации балерини

469

Балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет, Марин Црвенов е добитник на наградата Менада за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2024 година, одлучи Бордот на интернационалниот фестивал Танц фест Скопје 2024, за Јубилејното 20-то издание.

„Марин Црвенов е еден од оние балетски уметници, кои оставија неизбришлив печат во развојот на македонскиот балет, но границите на неговото делување се пошироки, па така тој е познат како уметник и надвор од земјава, во регионот и во Европа. Со извонредните линии како балетски уметник Црвенов на сцената донесува безбројни ликови и настапува во целиот репертоар на Националниот балет во периодот од 1961 до 1990 година, кога е член на Балетот при МНТ во Скопје, во почетокот како солист, а потоа и како долгогодишен првенец. Црвенов се истакнува со одлична техника, лиричност во играта, но знае да долови и драматичност, кога тоа ликот кој го толкува, го бара од него. Тој е одличен партнер и со своето огромно сценско искуство, придонесува за креирање на незаборавни дуети со повеќе генерации балерини, првенки на македонскиот балет. Со неговата долгогодишна работа Марин Црвенов дава огромен придонес во развојот, не само на балетската уметност, туку и во целокупниот театарски живот во Македонија, неговиот талент е распространет во изведувачката област, но тој се истакнува и како балетски педагог и репетитор. Марин Црвенов е дел од генерацијата, која ја зацврсти позицијата на македонскиот балет, тој е сестран уметник, кој помогна во градењето на млади кадри и со својата извонредна појава на сцената и надвор од неа, остави огромно наследство и одговорност кај следните генерации, да ги достигнат тие височини“, се наведува во образложението на одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест Скопје 2024.

Поврзани содржини