Бакарот е еден од ретките метали што можат да се појават во директно употреблива метална форма. Бакарот е секаде околу нас. Бакарот е метал кој има карактеристика за многу топлинска и електрична спроводливост. Освен како проводник истиот се користи и во градежната индустрија како градежен материјал. На пример се користи во зградите, обично за покривни конструкции, оксидира за да формира зелена патина, како куполите на Соборниот храм на „Св. Климент Охридски“ во Скопје кои се обложени со бакар. Дополнително може да се користи за монети, метални легури, за сјајно сребро кое се користи во накит, но и во декоративната уметност, купроникел за производство на хардвери, но и за константан кој се користи во деформациски мерачи и термопарови за мерење на температура.
Исто така бакарот се користи и во металургијата на прав. И тоа најчесто во човековото секојдневие, а не го забележуваме. Посебно бакар метален прав се користи за синтерувани компоненти, најчесто автомобилска индустрија за сложени дизајни, лемење на челични делови, хемикалии како бакарни соли, производи на триење посебно во системи за сопирање што се користат во сите видови возила, топлинско спроведливи пасти за уреди за ладење, радијатори итн, производи за меки магнети како што се ротирачка машина, електрична машина, во индустријата за печатење посебно во индустријата за мастила, бои итн.
Бакарот исто е многу корисен за луѓето и тој се наоѓа во количина од 1,4 до 2,1 милиграм на килограм телесна тежина и тоа посебно во црниот дроб, мускулите и коските. Тоа значи дека фармацевтите докажале дека внесување на минимални концентрации е значајно за човековиот организам. Впрочем, ако имаме ниско ниво на бакар во организмот тоа може да доведе до состојби како анемија, многу ниска телесна температура, фрактури на коските, губење на пигментација на кожата, проблеми со тироидна жлезда и друго. И затоа Светската здравствена организација вели и препорачува 1-2 милиграма дневна доза на бакар. А тоа значи, создавање црвени крвни зрнца, намалување на холестерол итн.
И не за бадијала се нарекува метал на иднината. Ако во овој момент има брутален раст на цените на бакарот на светските берзи, а оние кои се занимаваат со макроекономија и трговија на обоени метали предвидуваат минимум 2,5 пати поголема цена во наредните 15 години. Впрочем, бакарот се користи во сите индустрии и неговата побарувачка е енормна, но понудата стагнира и дури опаѓа, исклучиво поради немањето слух за инвестиции во последните 20 години во нови рудници за бакар. А за да има нови рудници на бакар технологијата се развива многу брзо, но обичниот народ нема време и нема информации дека оваа технологија оди заедно во чекор со заштита на животната средина и дека новата технологија прави огромен баланс меѓу човековите потреби на глобално, но и на локално ниво.
За волја на вистината за комплетна индустријализација прв пат слушнав во периодот кога бев директор на асоцијација на сите радија и ТВ станици. Тогаш од еден политичар и тогашен голем газда слушав предавање дека без рударство и индустријализација нема развој на економијата, а со тоа нема слободни и финансиско одржливи медиуми.
Не го пишувам ова случајно. Денес Македонија како членка на најголемиот безбедносна чадор организација НАТО се соочува со две прашања:
Зошто да не дозволиме на странски економски џинови да инвестираат во рудници за бакар кога имаме точни информации за наоѓалишта кои имаат за македонски и светски услови доволни количини на овој преубав обоен метал за развој на македонската економија?
Дали сме заложници на лажни граѓански активисти кои самите се нарекуваат екологисти (научната доктрина не препознава таква професија доколку истата не е поврзана со научна проценка на технолошките процеси во индустријата)?
Одговорите се многу едноставни. Впрочем ги даде токму еден од таканаречените екологисти во негово последно интервју.
Навистина не сакам да изгледа дека го следам ликот и делото на господинот Коста Ристоманов, но преку неговото поведение и тезите кои ги испраќа во јавноста, може навистина да се добие генерална слика за тоа во каков свет живеат овие самонаречени екологисти. Значи, кога советник во Општина, народен избраник, како што е Ристоманов, во пресрет на избори ќе има средба со претставници на ОБСЕ и истата демонстративно ќе ја напушти затоа што добива впечаток дека наводно му се заканувале по живот заради неговиот отпор против рудникот Иловица, тогаш можеме да дојдеме до заклучок дека овој господин можеби добива напади на параноја бидејќи потсвесно знае дека зад неговиот еко активизам се кријат неискрени намери или намерно сака да се претстави како жртва. Замислете, ОБСЕ, институција која е задолжена да се грижи за безбедност, едвај дочекала шанса да му се заканува на еден еко активист! Па добро, има ли смисла до таму да се конфабулира? Зарем навистина веруваат дека постои светска завера против нив кои се противат на изградбата на рудникот Иловица?
Значи, равенката е едноставна. Ако до 31.12.2024 нема придвижување во реализација на административните процедури за почеток на инвестицијата во рудникот Иловица, следи меѓународна арбитража, тешка милијарди евра. Дали има или нема правен основ како што тврдат лажните еко активисти, ќе има мегдан истите да се објаснуваат. И за Казандол некој тврдеше дека ќе поминеме лесно, па еве најавата е дека штетата ќе биде 450 милиони евра за сите даночни обврзници.
Лажните еко активисти спречуваат инвестиција од која директен или индиректен бенефит би имале повеќе од 3.000 луѓе во Струмичката котлина.
Дел од невистините изнесени од господинот Ристоманов мора да се демантираат.
Ќе се загадела водата и во наредните 2000-3000 години ќе останела загадена. Таква научна теорија не постои.
Ќе се иселеле сите од Котлината. Споредбени информации за иселувањето на граѓаните со пописите од 2002 и 2021 година се следниве: Општина Босилово во 2021 има 11.508 жители или 14.260 жители во 2002 година. Општина Ново Село 6.972 жители во 2021 година или 11.567 жители во 2002 година. Сѐ е јасно.
Ќе се загадела цела Струмичка котлина. Без рудник Струмица на 27.12.2021 година бил прогласен за најзагаден град во Македонија.
Ова е само дел од наративот со кој се служат лажните екологисти кога упорно тврдат дека нов рударски комплекс сигурно ќе штети на здравјето на луѓето и животната средина.
Еве уште еден пример. Кога Н.Е. на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска г-динот Метју Лосон ѝ даде честитка на претседателката на Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска Давкова со посебен акцент за развој на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство вклучувајќи го и сојузништвото во НАТО алијансата, добивме коментар и од господинот Крум Велков, кој треба да се цитира за да се добие уште еднаш слика за тоа со кого си имаме работа и чии идеологиите застапуваат овие луѓе.
„Благодариме господине за Вашиот напор и увереност. Би Ве замолиле за дополнително појаснување на терминот ‘климатски промени’, што веруваме не би било тешко, со оглед на фактот дека многубројни учени и честити луѓе и од Вашето кралство тврдат дека такво нешто не постои. Исто така, ќе дозволите сами да решиме од каде да ‘почнеме’. Ви посакуваме повеќе сончеви денови, подобро здравје и нови, се надеваме поверодостојни кралски портрети.“
Не треба да нѐ зачудува што во дел од руските медиуми токму ова лице се означува како наводен бранител на дел од нивните економски операции кои неодоливо асоцираат на рудникот за бакар изграден во 70 години на минатиот век во Југославија, кој се наоѓа на неколку десетици километри од Иловица (за кој овие лажни еко активисти никогаш не протестирале) и кој случајно има сопственици кои со разни шеми се обидуваат да го сокријат рускиот капитал.
„Трафигура“ инвеститорот во рудникот Иловица е дел од Комонвелтот.
Мислам дека засега е доволно.
П.С.1. Во оваа колумна лажните еко активисти свесно и со умисла им се обраќам со господа, бидејќи во последно време гледам дека секоја критика кон нив ја доживуваат како закана по живот. Истовремено тврдат дека ние кои сме биле ЗА изградба на нови рудници сме се плашеле да се соочиме со нив. Еве им јавна понуда да изберат термин и на истата маса покриена со сонцето од Кутлеш (каде господин Ристоманов го правеше последното интервју) јас сам сум подготвен да се соочам со сите нив заедно.
П.С.2. Јавно изјавувам дека ниту една нивна навреда или критика кон мене лично никогаш не ја доживувам како закана по живот. Напротив, ме мотивираат двојно повеќе да се занимавам со оваа тема, бидејќи верувам дека се залагам за нешто што ќе имаат бенефит сите жители на оваа наша заедничка Македонија.