БАФЕТ ГО НАПРАВИ МОЖЕБИ ПОСЛЕДНИОТ ПОТЕГ ПРЕД ПЕНЗИОНИРАЊЕ Тој купува дел од компанија за 9,7 милијарди долари во готово
Компанијата на Бафет се согласи да го купи „Оксичем“, хемискиот оддел на петрохемиска компанија „Оксидентал Петролеум“ за да го извлеќе од долгови.
Компанијата „Беклшир Хатавеј“ на легендарниот Ворен Бафет се согласи да го купи „Оксичем“, хемискиот оддел на петрохемиска компанија „Оксидентал Петролеум“, за 9,7 милијарди долари во готово.
Ова може да биде последното големо преземање на Бафет пред неговото пензионирање од функцијата извршен директор на крајот од оваа година, коментираат американските медиуми.
Иако ова е најголемиот договор за Беркшир од 2022 година, кога ја купи осигурителната компанија „Алегени“ за 11,6 милијарди долари, ова не е преземање на „капиталецот“ што Бафет долго време го бараше за да ги намали огромните парични резерви на компанијата, проценети на околу 340 милијарди долари.
Договорот се темели на веќе блиските врски на двете компании. „Беркшир“ е најголемиот акционер на „Оксидентал“ со удел од речиси 27%, што е проценето на 11,9 милијарди долари.
Покрај тоа, „Оксидентал“ му исплаќа на „Беркшир“ дивиденда од 8% за преференцијални акции во вредност од над 8 милијарди долари, што беше дел од договорот со кој „Беркшир“ му помогна на „Оксидентал“ да го купи „Анадарко Петролеум“ во 2019 година. И покрај ова, Бафет пред две години изјави дека „Беркшир“ нема да се обиде да го преземе целиот „Оксидентал“.
Извршната директорка на „Оксидентал“, Вики Холуб, во интервју за CNBC објави дека 6,5 милијарди долари од продажната цена ќе бидат искористени за намалување на долгот под целта од 15 милијарди долари.
– Сега ќе можеме да ја рестартираме нашата програма за откуп на акции. Она што требаше да го направиме беше да го подобриме нашиот биланс на состојба. Значи, ова е тој последен голем чекор што ни е потребен и сега мислам дека почнавме да создаваме вредност што ќе се случи со многу побрзо темпо за нашите акционери – рече таа.
Волстрит не реагираше со ист оптимизам. Акциите на „Оксидентал Петролеум“ паднаа за 8,1% на денот кога беше објавен договорот, а неделата ја заврши со пад од 5,5 %.
Управниот одбор на „Беркшир Хатавеј“ официјално го измени статутот на компанијата за да ги одвои улогите на претседател и извршен директор. Промената доаѓа три месеци пред Грег Абел, сегашен потпретседател за неосигурителни операции, да ја преземе функцијата извршен директор на 1 јануари.
Ворен Бафет ќе остане на позицијата претседател на одборот.