БАЕРН ГО САКАШЕ ЈАМАЛ УШТЕ НА 14 ГОДИНИ Како „баварците“ ја пропуштија шансата да го доведе младиот Шпанец
Баерн Минхен имал долгорочен план за доведување на Ламине Јамал уште на 14 години, но трансферот пропадна по вмешувањето на агентот Жорже Мендес.
Баерн Минхен беше многу блиску до стекнување на младинскиот фудбалер на Барселона, Ламине Јамал, уште во 2022 година, откри новинарот на „Билд“, Кристијан Фалк, во својата книга „Трансфер инсајдер“.
Тогашниот спортски директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ, заедно со техничкиот директор Марко Непе, одржале доверливи средби во Мадрид со Иван де ла Пења, кој го застапувал интересот на Јамал. Во тоа време, фудбалерот имал само 14 години.
Според планот на Баерн, семејството на Јамал требало да се пресели во Германија, да се чека додека играчот не наполни 16 години, и за трансферот клубот бил подготвен да плати околу пет милиони евра.
Сепак, договорот пропадна во последната фаза кога во играта интервенираше агентот Жорже Мендес, кој го замени де ла Пења и го спречи трансферот.
На 15 години и 9 месеци, Јамал дебитираше за првиот тим на Барселона, потврдувајќи дека станува збор за еден од најголемите младински таленти на шпанскиот клуб.