БАЈДЕН ВОВЕДУВА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ВАКЦИНАЦИЈА Бевме трпеливи, но нашето трпение е при крај!
Претседателот на САД додаде дека суштината на ваквиот чекор е дека Америка ќе ги заштити вакцинираните работници од невакцинираните колеги.
Американскиот претседател Џо Бајден во вчера ги критикуваше Американците кои се противат на вакцинацијата, најавувајќи нови мерки што вклучуваат задолжителна вакцинација за повеќето федерални вработени и вакцинација или редовно тестирање за сите вработени во компании со повеќе од 100 вработени.
Новите мерки, кои Бајден ги објави во говорот од Белата куќа, ќе влијаат на околу две третини од сите вработени во Соединетите држави.
– Бевме трпеливи, но нашето трпение е при крај и вашето одбивање да се вакцинирате многу нѐ чинеше нас останатите – рече Бајден, обраќајќи им се на милиони Американци кои одбиваат да се вакцинираат.
Ова е најострата изјава на Бајден досега со која ги презеде најсеопфатните мерки за да ги принуди Американците да се вакцинираат поради зголемувањето на бројот на случаи на новозаболени поради ширењето на позаразна делта варијанта на коронавирусот. Белата куќа проценува дека оваа наредба ќе влијае на повеќе од 80 милиони работници во Америка.
– Мојата претседателска работа е да ги заштитам сите Американци. Така, вечерва ја информирам јавноста дека Министерството за труд развива закон за итни случаи, кој ќе бара сите вработени во компании од најмалку 100 луѓе да бидат целосно вакцинирани или да мора да покажат еднаш неделно со ковид-тест дека тие се негативни – рече Бајден, додавајќи дека многу големи компании веќе го имаат ова правило.
Тој додаде дека суштината е дека Америка ќе ги заштити вакцинираните работници од невакцинираните колеги. Бајден, исто така, рече дека вакцинацијата ќе биде побарана од здравствени работници кои прифаќаат еден од двата вида здравствено осигурување – Medicare или Medicaid – како и за сите државни вработени и изведувачи, како и некои други категории.
Новата задолжителна вакцинација е дел од стратегијата на Белата куќа во шест чекори во борбата против вирусот ковид-19, стратегија која вклучува и давање трета, засилувачка доза, со цел да се спречи зголемен број случаи, хоспитализации и смртни случаи од коронавирусот.
Шесте чекори вклучуваат вакцинирање на невакцинираните, зајакнување на заштитата за вакцинираните, одржување на училиштата отворени и безбедни, зголемување на бројот на тестови и барањето за носење маски, заштита на економското закрепнување и зголемување на здравствената заштита за луѓето кои имаат ковид-19.